Skip to main content

„Храбриот нов театар“ е мото на 60. МТФ „Војдан Чернодрински“ – Прилеп

„Храбриот нов театар“ е мотото под кое ќе се одржи 60. јубилејно издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ – Прилеп, од 12 до 19 јуни 2026 година. Ова мото е поткрепено и со визуелен идентитет на фестивалот за кој и годинава се погрижи дизајнерката Ема Велковска.

Ви ја споделуваме експликацијата на Ана Стојаноска, уметнички директор на фестивалот:

Насловот на денес култниот роман на Хаксли – „Храбриот нов свет“ (1932) е инспириран од репликата на Миранда во Шекспировата „Бура“: „О, чудо! Колку прекрасни суштества! / Ах, колку прекрасни биле луѓето! / И колку си среќен со нив, во Новиот Свет!“
Мотото на годинешното јубилејно издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ – Прилеп логично произлезе од оваа конекција бидејќи интимниот восклик на Миранда станува ироничен коментар на новото време преку романот на Хаксли. Играта со зборови во која театарот е светот, поточно светот е театар, е само природен резултат на она што нашиот фестивал го гради со години. Кога се слави голем јубилеј како што се шеесет години на најстариот и најзначаен театарски фестивал во Македонија, треба да се биде храбар и да се бара нешто ново, нешто што е потреба по еден, ајде да го наречеме, период на барање на својата естетика. Слично како во светот на Хаксли, нашиот театар е диктиран од одредена политичка констелација. Театарот сам по себе треба да е став, гласен, надвор од секоја кутија, од секоја комфор-зона. Затоа и мотото е тоа: Храбриот нов театар! Или Надвор од кутијата! Или ако одиме уште поактивно – Театар без молк – свет без рамнодушност! Како сериозен театарски фестивал, не смееме да дозволиме општата рамнодушност да му го заземе местото на театарот без желба да менува или да провоцира. Логично е по претходните фестивалски изданија, водени од мотивите „Враќање дома“, „Промени се, промени сè“ и „Смеј се и осмели се“, да ја бараме главната нишка на театарската и уметничка дејност преку храброста врз основа на антиутопистичката идеја. Хаксли напиша научна фантастика која, за жал, денес се гледа како упатство за употреба или како не требаше да дозволиме светот да оди во некои насоки. Наместо предупредување, „Храбриот нов свет“ само ја потврди реалноста на светот што оди во некои сосема непотребни насоки. Ироничната нишка на ова мото е можеби најхрабриот чин на фестивалот. Да се излезе од комфор-зоната и да се даде визија за тоа каков театар ни треба и каков фестивал треба да го следи тој театар.

Фокусот на јубилејното издание е еден своевиден мост меѓу почитта кон минатото и отворањето на можностите на иднината. Мост меѓу традицијата што ја наследуваме и иднината што ја креираме. Шеесетгодишниот јубилеј е точката во која се спојуваат минатото и иднината, традиционалната театарска приказна и новата виртуелна реалност, со надеж дека кога ќе излеземе од комфор-зоната, ќе можеме да се охрабриме да го креираме нашиот нов свет/театар. Храбриот нов театар е нашиот крик против поларизацијата, против рамнодушноста и против некреативноста!
Нека ни е среќен јубилејот, нека ни се множат годините, нека фестивалот остане секогаш храбар и нов, секогаш со сила и моќ да го менува својот свет! Среќна 60-ка!“ 

Според дизајнерката Ема Велковска во древните култури, монолитите биле средишта на ритуалот, места на собирање, жртвување и молитва, каде што реалното и митското се спојувале во еден заеднички простор на доживување.

Околу нив се создавал фокусот, просторот на изведбата, енергијата на телото и гласот. Како што театарот произлегува од ритуалот, така и монолитот ја надминува својата материја. И двата постојат како мостови меѓу минатото и сегашноста, меѓу она што е видливо и она што се чувствува. Театарот е местото каде што ритуалот станува игра, а играта обред на трансформација.
Во овој монолит е впишана историјата на 60 години постоење. Тој не е само белег на времето, туку и доказ на храброста, храброста да се создава одново, да се опстојува низ сите промени, да се преосмислува себеси и да продолжува понатаму. Како камен што стои наспроти сите ветрови, театарот останува и сведок и повик кон иднината, кон новото, кон непознатото
Монолитот во контекст на овој постер не е статичен предмет, туку симбол на движење и еволуција, знак на духовна и уметничка храброст. Неговата апстрактна форма ја носи истата мистерија и магнетност како монолитот во филмот „2001: Одисеја во Вселената“ (2001: A Space Odyssey), каде што тој станува белег на човечката трансценденција. Така и овој монолит стои како симбол на театарот, обреден, вечен и секогаш подготвен за нов почеток.
Црвена сцена како портал за новиот храбар театар. Сцената отсекогаш била премин простор помеѓу реалното и измисленото, меѓу она што го гледаме и она што само го чувствуваме. Таа е тунел низ кој поминува светлината на претставата, патека што го води гледачот од секојдневното кон непознатото.
Овој пат, сцената се претвора во перспектива, во отвор што повикува кон иднината. Таа не е рамна површина, туку длабочина, портал низ кој театарот преминува во ново време, нов јазик и нова смисла. Внатрешноста е обоена во црвено, боја на живот, енергија и почеток, вели Велковска.


Поврзани вести