
Гитарскиот виртуоз Курт Розенвинкел, кого Ерик Клептон го нарече „гениј“, за првпат ќе настапи во Скопје заедно со Националниот џез оркестар.
Концертот ќе се одржи на 1 октомври 2025 година, со почеток во 20:00 часот, во Националната опера и балет, под диригентство на маестро Владимир Николов.
The New York Times за него пишува:
„Со само неколку ноти, Курт Розенвинкел кажува повеќе отколку што многумина гитаристи постигнуваат за цела кариера. Непоколеблив истражувач кој зазеде единствено место во џез-светот со својата сложена и суптилна визија.“
Веќе три децении, Розенвинкел ја обликува современата џез-сцена со својот препознатлив стил и музичка длабочина. Од своите први настапи во Њујорк во 1991 година, тој се издигна како вистински иноватор, создавајќи албуми кои инспирираат генерации музичари и љубители на џезот ширум светот.
Неговата музика остава неизбришлив белег во историјата на гитарската уметност, а неговите живи настапи пленат со виртуозност и емоција. Фановите често велат дека Курт „ја оживува гитарата на начин што остава без здив“.
Во рамки на концертот ќе бидат изведени авторски композиции на Курт Розенвинкел, аранжирани за биг-бенд оркестар.