Skip to main content

Дваесет стихозбирки во поширок избор на наградата „Антево Перо“

Во годината кога одбележуваме 95 години од раѓањето на великанот на македонската поезија – Анте Поповски, а меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“ се организира по деветти пат, ни претставува огромно задоволство што Конкурсот за доделување на наградата „Антево перо“ побуди неверојатен интерес кај творците на потската реч. Горди сме и почестени што на Конкурсот учество зедоа неверојатни 115 збирки и автори од Македонија и светот. Ваквиот одзив не се памети до сега на ниту еден друг конкурс за поезија кај нас, велат од манифестацијата Антево перо.

Среќни сме што делото на Анте Поповски е силен мотив за поетско творештво кај поетите од неговата Македонија и Здружението за зачувување на делото на Анте Поповски упатува огромна благодарност до сите кои ја споделија со нас нивната поетска збирка. Упатуваме голема благодарност и до авторите од Турција, Германија, Шведска, Србија, Норвешка, Белгија, Црна Гора, Полска, Велика Британија, САД и Хрватска кои, исто така, зедоа учество на Конкурсот. Трендот што започна минатите години и на што Здружението особено се гордее, е тоа што наградата „Антево перо“ и името и творештвото на Анте Поповски и оваа година беа вистински магнет учество да земат и автори од други етнички заедници.

Пристигнатите 115 поетски збирки се одликуваат со оригиналност и креативност во поетскиот израз, а некои од нив со нивната хибридност и експерименталност, повторно покажуваат дека поезијата е уметнички медиум кој креира посебни литературни светови кои не познаваат граници. Затоа, жири-комисијата во состав: проф. д-р Весна Мојсова Чепишевска (претседател), д-р Атина Цветаноска и Виолета Танчева Златева (членови), во изминатиот период имаа тешка задача при темелното разгледување и анализирање на пристигнатите збирки. На својот прв состанок по завршувањето на Конкурсот, по плодната дискусија, жири-комисијата издвои 20 поетски збирки кои се во поширок избор за наградата „Антево перо“ и тоа: Ерол Туфан – „Недовшени песни“, Белинда Сипкоска Гаштарова – „Домот ми е полн со небо“, Емељ Туна – „Анатомија на бршленот“, Шифра: Змијско грозје – „Женска дивина – машко техне“, Лидија Размоска Тримовска – „Патот до Огнена“, Јулијана Младеновска Тешија – „Чекркот“, Наташа Лазарева – „Живот во три здивови“, Сефер Рамиз Рамче – „Крвави солзи, Александар Спасовски – „Пловидба“, Пајо Авировиќ – „Ние двајцата“, Александар Русјаков – „Дегустација на жената“, Деспина Сиљаноска – „Оракулиум“, Софија Грандаковска – „Архивски песни“, Милош Соколиќ – „Име во идно време“, Маја Мојсова – „Ајта“, Даниела Андоновска Трајковска – „Ако не се отвори фиоката мачката ќе биде жива“, Маику – 7/8 слобода, Ивана Брезовец – „Булките над градот“, Слаѓана Ставрева – „Ткајачки на светови“ и Шифра: Допри го ветрот – „Изида од алабастер“. Редоследот на номинираните е според нивното пристигнување на електронската адреса.

И овојпат, жири-комисијата, со особено задоволство и внимание, го проследи учеството на младите автори. Во поширок избор за наградата „Антев часовник“, која се доделува на млад автор за поетско творештво на македонски јазик со забележителни поетски квалитети, жири-комисијата издвои 7 збирки поезија и тоа: Лиле Стефановска – „Здивот на твоето отсуство“, Дарија Јовановска – „Протекување“, Бојан Димовски – „Гареж од метафори“, Ива Додевска – „Координати на притајот“, Васја Мицковски – „Патот дома“, Марија Велинова – „Штрингла“ и Дарија Трендафиловска – „Параферналија“. И во овој случај, редоследот на номинираните е според нивното пристигнување на електронската адреса.

На следниот состанок, комисијата ќе го стесни изборот за наградите, за што ќе следи ново соопштение, известија одмеѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“

Поврзани вести