Skip to main content

Државниот архив во март ќе објавува серијал посветен на жените кои оставиле траен печат во политичкиот, општествениот, културниот и научен развој на Македонија

Во текот на месец март, Државниот архив ќе објавува серијал посветен на жените кои оставиле силен и траен печат во политичкиот, општествениот, културниот и научниот развој на Македонија. Како што соопштуваат на социјалните мрежи, секој понеделник ќе претставуваат нова приказна, ново име и ново сведоштво за женската истрајност, знаење и визија.

Првата објава е посветена на Вера Ацева, народна хероина и првата жена градоначалник на Скопје.

Во 1948 година Вера Ацева стапува на функцијата градоначалник на главниот град, во период кога државата се обновува по воените разурнувања и се поставуваат темелите на новите институции. Управувањето со Скопје во тие години подразбирало голема одговорност – организација на градската управа, зајакнување на комуналните служби и создавање услови за урбан, социјален и образовен развој.
Нејзината јавна дејност не се сведува само на политиката. Таа припаѓа на генерацијата која активно придонесе во изградбата на современиот општествен систем, со особена посветеност кон образованието, културниот напредок и поддршката на научната мисла во повоениот период.

Со овој серијал оддаваме признание на жените кои придонеле во политиката, науката, образованието, културата и јавниот живот – жени чии дела се трајно вградени во нашата национална и архивска меморија, велат од Државниот архив на Македонија.

Поврзани вести