Skip to main content

ДПМ ја издаде збирката раскази „Она што се памети живее“ напишани за поранешни членови на Друштвото што не се физички меѓу нас

На денот посветен на Св. Климент Охридски, Друштвото на писателите на Македонија )ДПМ) известува за излегувањето од печат на „Она што се памети живее“, со поднаслов „Никогаш докрај раскажани приказни“ – збирка раскази напишани за поранешни членови на Друштвото што не се физички меѓу нас.

Книгата е пред сè исход од текстовите објавени во рубриката „Амаркорд“, која излегуваше во „Стожер“ на ДПМ во периодот од 2018 до 2022 г., и во која членови на Друштвото беа поканети да се сеќаваат на доживувања со нивни некогашни пријатели, колеги, соработници – писатели и поети, и на тој начин да го оживеат споменот за нив и за нивното дело.

Во „Она што се памети живее“ (цитат од расказот на Снежана Младеновска-Анѓелков за Благоја Иванов) се поместени 21 расказ, поделени во три циклуси: „Книги, списанија, печатници“, „Професори, професорки“ и „Патувања“, а поднасловот „Никогаш докрај раскажани приказни“ (цитат од расказот на Огнена Никуљски за Коле Чашуле) укажува на сите слични раскази што чекаат да бидат напишани, односно на сите автори чиј спомен допрва треба да биде чествуван.

Книгата, која е објавена со поддршка од Министерството за култура и туризам, наскоро ќе може да се најде и во книжарниците, а нејзината промоција е предвидено да се одржи кон крајот на овој месец: настан со кој Друштвото на писателите на Македонија славенички ќе ги заокружи активностите за 2025 година.

Поврзани вести