Во Салон 19:19 во Скопје, синоќа свечено беа доделени наградите за најдобрите пијанисти на Првиот меѓународен натпревар по пијано во Скопје – „Пијано клавиш” (PIANO KEY International Piano Competiton).
-Наградите беа во седум категории, според возраста на пијанистите, а беа доделени и специјални награди од Австриската и Јапонската амбасада во Скопје, за најдобро изведени дела од австриски, односно јапонски композитори, како и специјална награда од семејството Цанев за најдобро изведена композиција од реномираниот македонски композитор Благој Цанев, информираат денеска организаторите.
Специјалните награди ги доделиле австрискиот амбасадор Мартин Памер, јапонскиот амбасадор Отсука Казуја и претставничката на семејството Цанев, Татјана Цанева. Медаљите за најдобрите по категории ги доделија уметничките директорки на „Пијано клавиш“, проф д-р Ема Попивода и м-р Светлана Димитриевска.
Во натреварот учествувале над 80 пијанисти од Македонија, Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина и САД, а за оценувањето било задолжено меѓународно жири составено од еминентни професори и пијанисти: проф. д-р Ема Попивода, м-р Светлана Димитриевска, м-р Колос Цури и м-р Катерина Ќетковиќ Фидановска од Македонија, Драгомир Братиќ од Србија, Данијел Ото од Хрватска и Илинка Манова од САД, со потекло од Македонија.
На свеченоста се одржал и концерт на апсолутните победници според категории, а настап имаше и јапонскиот амбасадор Казуја со изведба на гитара на композицијата „Сакура, сакура“.