Skip to main content

„Дијалог“ ја објави новата стихозбирка на истакнатата македонска поетеса Билјана Станковска, „Сина синкопа“

Во издание на Здружението за уметност и култура „Дијалог“ од Скопје, деновиве излезе од печат новата стихозбирка на истакнатата македонска поетеса Билјана Станковска, со наслов „Сина синкопа“. Песните во книгата се поделени во циклусите „Дисонанца“, „Созвучие“ и „Тихување“.

Во поговорот со наслов „Внатрешна лирска динамика“, поетот и литературен критичар Санде Стојчевски, за новата стихозбирка на Билјана Станковска пишува: „Сина синкопа“ изобилува со слики што поседуваат слична впечатливост, креативна заводливост и сигурни творечки потези. Песните што ја сочинуаат оваа книга, со својата  внатрешна лирска динамика сведочат за резултат на сигурна творечка рака, на длабоко доживување и на реалната стварност,  но и на нејзиниот одраз, на сенката што овдешното ја фрла во просторите на другата страна, на таинството што тече преку рабовите меѓу овие два света, само навидум јасно омеѓени и разделени, а всушност длабински допрени преку безброј ератични излези и влезови. Се покажува дека Станковска испеала сложена книга песни, уметнички целости кои се исполнети со прашања кои во оваа поезија работат максимално ефикасно, го полнат лирското подрачје со рефлексивни стрептежи и на тој начин ја препорачуваат песната, лирската песна особено, како редок израз на човековите настроенија, на неговите упорити настојувања да наѕре зад завесата и да ја укрепи песната со слики, со насетки, со навестувања макар за вистинската природа и на постојното и на неговиот одблесок.“

Билјана Станковска (1951) е автор на делата: „Плетачката на тантели“ (роман), 2021; „Пукнатина во светлината“ (поезија), 2020; „Растурен круг на времето“, (поезија), 2018; „Кој ги краде соништата“ (роман за деца), 2016; „Кога ветровите стивнуваат“ (роман), 2015; „Сега сè е поинаку“ (збирка раскази), 2014; „Вистинска приказна за исчезнувањето на приказните“ (роман за деца), 2011; „Реставрација на светлината“ (поезија), 2009; „Замисли желба“ (роман), 2008; „Мед и ѕвезди“ (драмска трилогија), 2006; „Лето значајно како изгрев, 2002; „Разговорливи ветрови“ (роман), 2001; „Сказни и сторенија за поколенија“ (поезија за деца), 1999; „Светлиот пат“ (поезија), 1996; „Миг за пресоздавање“ (поезија), 1995; „Заробен сон“ (раскази), 1993; „Светлооко небо“ (поезија за деца), 1990; „Ограничен простор“ (поезија), 1983. Добитник е нa наградата на ДПМ „Ванчо Николески“ за најдобра детска книга за романот „Вистинска приказна за исчезнувањето на приказните“. Носител е и на наградата „Даница Ручигај“ за најдобра поетска збирка за 2020 година. Нејзината поезија и раскази застапени се повеќе антологии. Преведена е на англиски, француски, кинески, српски, словенечки, бугарски и украински јазик. Член е на Друштвото на писателите на Македонија од 1994 година.

Поврзани вести