Самостојната изложба на уметницата Христина Иваноска, со наслов „Џинови и снегулки“, ќе се отвори на 24 декември (вторник) во 19 часот, во Музејот на Република Македонија.
Оваа изложба е дел од проектот „Архиви на невидливите 3.0“, поддржан од Фондацијата Хајнрих Бел и Министерството за култура на Македонија.
Изложбата е реализирана како соработка помеѓу Центарот за истражување на национализмот и културата – ЦИНИК и Фестивалот за феминистичка култура и акција „Прво па женско“, со што истата ќе е дел од дванаесеттото издание на фестивалот, чии поддржувачи се Sigrid Rausing Trust и Equality Fund.
Насловот на изложбата „Џинови и снегулки“, реферира на истоимената поема од книгата поезија „Егејска барутна бајка“ на писателот Славко Јаневски, која е објавена во 64-тиот број на „Македонка“ од 1950 година.
Славчо Димитров, кој ѝ беше соговорник на Иваноска низ процесот на создавањето на оваа изложба, а воедно, е и автор на текстот за изложбата, вели: „Ако пишувам за уметничката пракса на Христина Иваноска, пишувам затоа што таа секогаш се испречува пред мене и ме заведува со мешавина на чувства помеѓу нелагодност и љубопитност.
Неудобност и тешкотија кои ја одржуваат дистанцата кон нејзините дела, како нужна за да го одложи или оневозможи нивното врамување во веќе постојните рамки на практична, целисходна и афективна навика на препознавањето, додека истовремено го поместуваат моето тело принудувајќи ме да ги изместам и приспособам моите перцептивни, идејни, чувствени схеми и параметри на разбирање привлечен од силата на лудата љубопитност, зачуденост и восхит од ветувањето кое го нуди другоста, новото, или ексцесивната непознатост на хоризонтот што го отвораат нејзините дела.
Оваа нелагодност и сетилна/интерпретативна неволја во којашто ме навлекува и афективно наштимува и оваа најнова изложба на Иваноска, произлегува од соочувањето со ужасно познати и препознатливи материјали, како што се текстот, писмото, знаците, буквите, текстилот, везот, сликите, фустанот, традиционалните историски референци, женските работни пракси, цветовите итн. од една страна, и нивното отворање, дуплирање, преклопување, отсекување, нелинеарност, контекстуално изместување, деконструирање, естетско трансформирање, историски критичко прераскажување или фабулирање, и темпорално и семантичко наслојување/расејување, од друга страна. Како богохулна верничка и непослушна ќерка, Иваноска знае дека соочувањето со сегашноста и замислувањето на поинаква иднина е невозможно преку репродукција на изабените, истрошените, неподносливо досадни и истрајно насилни големи историски маскулинистички наративи за џиновите на нацијата.
Потребен ни е поглед наназад кон „сѐ уште неосвестените“ капацитети и нереализирани ветувања и алтернативни имагинации на ефемерните и кревки ко снегулки траги на женската историја, со пристап обележан и со иронија свесна за „противречности кои не се разрешуваат во поголеми целини, дури ни дијалектички, за напнатоста на држењето на некомпатибилните нешта заедно, бидејќи и двете или сите се неопходни и вистинити“, бидејќи иронијата вклучува и „хумор и сериозна игра“ .“ Биографија: Христина Иваноска (1974), преку својата уметничко-истражувачка практика, се фокусира на прашањата за потиснување, контрола и конструирање на колективната меморија во однос на стратегиите и политиката на отпор на жените.
Таа создава објекти, текстови, цртежи, видеа, перформанси и инсталации, честопати работејќи интердисциплинарно, и критички го истражува искуството на денешните социјални и политички системи и нивната врска со теоријата и историјата.
Иваноска им дава важност на рачната работа, како што се везот, ткаењето, грнчарството и пачворк-техниката, како медиуми на политичка и социјална вредност преку кои е изразена индивидуална борба и ограничувањата. Нејзините дела биле изложени во многубројни значајни институции и независни простори во земјава и во странство.
Во моментов, Иваноска е докторски кандидат на Академијата за ликовна уметност во Виена. Заедно со Јане Чаловски, во 2024 година, се основачи на платформата за уметничко истражување и кураторски практики „Проектен простор Прес ту егзит“ во Скопје.