Skip to main content

Чествување на Денот на македонскиот јазик во Романија

Лектори по македонски јазик од Букурешт и Будимпешта Елена Ѓорѓиовска и Златко Панзов

Лекторатот по македонски јазик, предводен од лекторот Златко Панзов на покана на лекторката Елена Ѓорѓиовска, гостуваше на одбележувањето на Денот на македонскиот јазик во Романија кој се одржа на 07.12.2025г. во Националната библиотека на Романија во Букурешт.

Оваа година одбележувањето му беше посветено на Горан Стефановски, односно четири децении од неговата „Бушава азбука“.

Чествувањето беше проследено со одлично организирана прослава од страна на лекторката по македонски јазик во Букурешт, Елена Ѓорѓиовска и амбасадата на Република Македонија во Букурешт. На прославата свои излагања имаа б.д. амбасадорот Златан Беговиќ и лекторката Елена Ѓорѓиовска, а студентите од Лекторатот по македонски јазик се претставија со читање на фрагменти од „Конзервирани импресии“ на Горан Стефаносвки, преведени на романски јазик.

Гостите од Унгарија, прославата ја збогатија со концерт, на унгарското дуо БудаПесме, составено од Вероника Варга и Бенедек Рети. Оваа година БудаПесме снимија албум на македонска изворна музика во Скопје. На албумот гостуваат познати македонски музичари како златното грло на Македонија, Наум Петрески, маестро Мишел Трајковски и проф. д-р Горанчо Ангелов. Присутните гости во Букурешт имаа ексклузивна можност да го слушнат музичкиот материјал, односно албумот насловен како „Македонија“. Секако, концертот беше надополнет со други незаборавни македонски народни песни.

Јана Борбала Панзов пред присутните гости се претстави со нејзината изложба на илустрации насловена како „Мистична Македонија“, која претставува визуелно патување во Македонија, патување низ македонските градови, низ вкусовите, мирисите и звуците на татковината.

Лекторите по македонски јазик од Букурешт и Будимпешта, Елена Ѓорѓиовска и Златко Панзов, остварија работна средба во просториите на лекторатот во Букурешт на која разговараа предизвиците со кои се соочуваат при нивната работа, а можноста беше искористена и да се збогати библиотеката на лекторатот со преводи од унгарски на македонски јазик и стручна литература.

Во иднина е планирано продлабочување на ваквата соработка, со заемни посети, заеднички чествувања на значајни празници, годишнини и јубилеи, секако вклучувајќи ги и останатите лекторати и лектори, со цел зголемување на видливоста на македонскиот јазик, литература и култура во центрите каде што делуваме.