
Стрип-издавачот „Бункер“, во рамките на едицијата „Апсолутни почетници“, издаде нов графички роман „Чанбара 2“, од италијанските автори Роберто Рекиони (сценарист и долгогодишен главен уредник на популарниот италијански стрип-серијал Дилан Дог), Андреа Акарди (цртач на некои од најпознатите италијански стрипови, како Текс Вилер, на пример), Габриела Конту (Дилан Дог, Текс, Загор…) и Валтер Вентури (Загор, Марти Мистерија, Текс…).
Се работи за вториот интеграл од прочуениот стрип-серијал „Чанбара“ во кој се опфатен третата и четвртата приказна. Ова е поново остварување на италијанскиот издавачки гигант „Серџо Бонели Едиторе“, кој повеќе децении на нашите простори е познат по популарните јунаци: Дилан Дог, Марти Мистерија, Загор, Текс Вилер, Мистер Но… Терминот Чанбара на јапонски сленг означува борба со мечеви и истиот има посебно место во златната ера на филмот во Јапонија помеѓу четириесеттите и шеесеттите години од минатиот век. Стрипот дава минуциозен опис на феудалните прилики во Јапонија во 17-тиот век.

Покрај внимателно изградената структура на ликовите во него детално се прикажани и зафрлените села, куќите, оризовите полиња, ентериерот… Со збор и слика, истовремено брутално, но и одмерено и елегантно, приказните на мајсторски начин раскажуваат за најчесните јапонски воини, во духот на традицијата во која мудроста постепено им се открива на оние кои се подготвени да го следат нејзиниот пат. Македонскиот превод на делото е печатен во форма на репрезентативно библиофилско издание во тврд повез. Покрај македонското издание, преводи од интегралните изданија на „Чанбара“ досега се објавени и во Франција, Шпанија, Мексико, Бразил, Србија…
Преводот од италијански јазик е на Борјана Мојсовска, а лектурата на Милена Стојановска. Дизајнот, типографијата и подготовката за печат се на Ласко Џуровски, Тотем д.с. Објавувањето на графичкиот роман на македонски јазик го поддржа Министерството за култура и туризам. Издавачот „Бункер“ веќе речиси 15 години ја поседува првата специјализирана книжарница за стрипови кај нас.

Македонски







