
Во хотел „Глориус“ кај велешко езеро „Младост“ денеска и утре се одржува дводневна 5. Меѓународна конференција на библиотекари која годинава е на тема „Услуги на корисниците со посебни потреби и лица со попреченост“, а на која освен библиотекари од библиотеките од земјава, по темата говорат и искусни библиотекари и стручњаци од Србија, Хрватска, Косово, Албанија и Република Српска.
На конференцијата, Здружението на библиотекари додели посебно признание плакета на Јовица Никчевски, директор на Националната и Универзитетска библиотека „Свети Климент Охридски“ од Скопје, а која изминатата година одбележа 80 години од своето постоење.
Министерот за култура и туризам Зоран Љутков од свечената говорница порача дека во дигиталниот свет во којшто живееме со голем пристап на информации од кога било, улогата на библиотеките не’ само што не се губи туку станува се’ поважна.
-Вие библиотекари не сте само чувари на книгите, туку едукатори – поддржувачи на критичкото размислување и активни учесници во изградбата на едно поинклузивно општество. Затоа денеска со посебно внимание се осврнуваме на темата „Услуги на корисниците со посебни потреби и лица со попреченост“, затоа на попреченоста не треба да се гледа како пречка туку како предизвик. Таа треба да биде поттик за библиотекарите да се приспособат да бидат пофлексибилни, поотворени и похумани. Затоа денес кога технологијата ни нуди се поголеми можности немаме изговор да не го направиме тоа. Говориме за пристапност во физичка смисла, до пристап до простории пристап до содржини преку Брајово писмо, аудио писмо, дигитални формати, приспособени образовни програми и персонализирана поддршка, потенцира Љутков.
Додава дека институциите што ја носат одговорноста за културниот развој мораат да гледаат на достапноста не’ како дополнителна обврска, туку како основен принцип. Тој потенцира дека оваа конференција е важен чекор во таа насока, за размена на искуства, идеи и добри практики.
Воедно потенцира дека оваа конференција е чекор напред, а конкретните идеи и решенија ќе ги преточи во дела.
-Ние како Министерство свесни сме за предизвиците со кои се соочуваат библиотеките, а оваа конференција е токму она што е потребно за зајакнување на улогата на библиотеките, да одговорат на предизвиците во современото општество каде попреченоста не е ограничување туку потсетник дека овие инстутуции треба да бидат флексибилни и отворени и човечни, а оваа конференција е чекор напред во таа насока, потенцира министерот Љутков.

Во своето поздравно обраќање од конференцијата, Јана Михајловска, претседателка на Библиотекарското здружение на Македонија, рече дека основната цел е да се обезбеди платформа за размена на знаења, искуства и иновативни решенија што ќе ги поддржат потребите на корисниците со посебни потреби и лицата со попреченост.
-Библиотеките како јадра на култирниот и образовниот живот, да ги отворат вратите-не само буквално, туку и симболично-за секој поединец, без разлика на физичките,когнитивните или социјалните бариери.Верувам дека оваа конференција ќе има трајно влијание врз развојот на инклузивните услуги во библиотеките во Македонија и регионот, најави Михајловска.
Јовица Никчевски посочи дека добиеното признание не е само за него, туку за целиот колектив.
-Ова признание не е само за мене и за сегашниот колектив. Јас го посветувам на сите колективи што во изминатите 80 години поминале низ Националната и Универзитетска библиотека.Минатата година славевме 80 години работа во слободна Македонија случајно или не токму првиот наш директор бил проф д-р Ѓорѓи Шоптрајанов родум велешанец и сега признанието го добивам токму во неговиот роден град Велес.Тој беше првиот директор на НУБ и ете каква случајност уште повеќе оваа признание го добивам токму во неговиот роден Велес, потенцира Никчевски.
Воедно здружението признание Плакета му додели и на Министерството за култура и туризам, а признанието го прими министерот Зоран Љутков.
На конференцијата Здружението на библиотекари на Македонија плакета за библиотека на годината за 2024 година, во категоријата јавни библиотеки ја додели на Локалната библиотека „Гоце Делчев“ од Велес, плакета во категоријата високо школски библиотеки ја доби Универзитетската библиотека „Макс Ван дер Штул“ при Универзитетот на Југоисточна Европа од Тетово, а плаката за библиотека на годината за 2024 во категоријата библиотеки за основните училишта за 2024 ја доби Библиотеката од училиштето „Кочо Рацин“ од Кочани.
Највисоката награда од областа на библиотекарството во Македонија, за животно дело Плакета од здружението на библиотекари на Македонија ја доби Елисавета Костадинова, библиотекар советник од НУБ „Свети Климент Охридски“ од Скопје.
Конференцијата трае во текот на денот и завршува утре претпладне со завршни заклучоци по темата, а кои потоа ќе бидат доставени до Министерството за култура и туризам најави за МИА, Јана Михајловска, претседателка на здружението на библиотекари на Македонија.