Skip to main content
На 6 март во Македонската филхармонија ќе се одржи концертот насловен „Бајка“, посветен на Денот на жената, а Анна Кондратенко ќе се претстави во улога на солист, кој воедно и ќе го води оркестарот

Анна Кондратенко: Не е важно дали само мажи, само жени или сме измешани на сцена, се трудиме секој концерт да е празник

На 6 март во Македонската филхармонија ќе се одржи концертот насловен „Бајка“, посветен на Денот на жената. Анна Кондратенко е концерт-мајстор во оркестарот, а на 6 март ќе се претстави во улога на солист, кој воедно и ќе го води оркестарот.

Големиот Хозе Карерас лично ја покани да учествува на аудиција за концерт со Пласидо Доминго, но таа го одби, сакаше да му се посвети на семејството. Доаѓа од еден од најстудените градови во светот, Новосибирск, Русија, но таа зрачи со својот топол лик и секој нејзин настап останува запаметен.

Добитничка е на значајни награди, како: Прва награда на меѓународниот конкурс „Blue Lake“ во Мичиген, САД (1992), Втора награда на серускиот конкурс „М. Ерденко“ во Москва, Русија (1995), Трета награда на меѓународниот конкурс „Е. Мравински“ во Санкт Петербург, Русија (1996), Трета награда и награда од публиката на меѓународниот конкурс „Yefrah Neaman“ во Мајнц, Германија (1997) итн.

Во пресрет на Денот на жената и концертот „Бајка“ со Анна разговаравме за идејата за овој концерт

На 6 март во Македонската филхармонија ќе се одржи концертот насловен „Бајка“, посветен на Денот на жената. Вие сте концертмајстор во оркестарот, а на 6 март ќе се претставите во улога на солист, кој воедно и ќе го води оркестарот. Дали е „Бајка да се води оркестар?

Ние, музичарите-изведувачи секој концерт на некој начин раскажуваме бајки. Понекогаш среќни, понекогаш тажни, понекогаш и трагични. Создаваме свет на фантазија за секој човек во публиката. Тоа нема да биде возможно, доколку самите не си замислуваме некоја „бајка“ додека свириме. Без разлика дали водиш оркестар или си дел од оркестарот, секогаш раскажуваш своја бајка.

Идејата за овој концерт ја имав уште пред две-три години кога на чело на Македонската Филхармонија беше Тина Иванова, која секогаш подржуваше нови, интересни видувања за концерти кои ќе бидат дел од основната програма на Македонската Филхармонија. Сакав да отсвирам нешто ново, модерно за македонската публика, нешто што досега не е отсвирено на овие простори, а сепак да не биде премногу.„модерна“ музика тешка за сфаќање за публиката, а и за нас.

Така читајки едно интервју со рускиот советски композитор Владимир Мартинов (роден во 1946), кој во 1985 година ја напиша композиција „Come in!“ инспирирана од библиски стих („Ете, стојам пред вратата и тропам. Ако некој го чуе гласот Мој и ја отвори врата, ќе влезам кај него и ќе вечерам со него, и тој со Мене“, Откровение 3:20) јас едноставно се вљубив во идејата да се изведе ова дело и кај нас. Владимир Мартинов направи композиција со длабока филозофска порака дека секој од нас треба да ја отвори вратата од своето срце за убави нешта. На таа композиција ќе свирам и на удирани инструменти, така што нема да бидам само солист и водач на оркестарот.

Во продолжение на концертот (кој ќе биде во еден дел, без пауза) малку ќе се вратиме на „тврда“ земја со една композиција, поточно со компилација на „Писма кон моите пријатели“ од грузискиот композитор Гија Канчели (1935-2019). Љубовта кон овој композиторот си ја делевме со Тина и решивме дека „Писмата…“ да бидат дел од овој проект. Тоа се кратки композиции по 2-3 минути посветени на блиски пријатели на композиторот. Мислам дека тие не и се многу познати на публиката во Македонија и токму затоа мојата помала ќерка Летиција направи видео-разгледници за секој од нив (уште една млада жена инволвирана во овој проект). Затоа и го нарекувам овој концерт мултимедијален, затоа што ќе бидат ангажирани повеќе сетила кај публиката.

Жените во Македонската филхармонија се движечка сила во оркестарот и секој концерт со нив е празник и за оркестарот и за публиката. Како гледате Вие на ова?

Сметам дека конкретно во нашата професија – музичар многу-многу одамна се надминаа тие половни разлики во однос на работни задачи, на плата, на пристап кон работата итн. Така што по мене не е важно дали само мажи, само жени или сме измешани на сцена, се трудиме секој концерт да е празник (бајка) за нас, музичарите, а секако и за нашата публика.

Хозе Карерас лично Ве покани да учестувавте на аудиција за новиот симфониски оркестар во Валенсија каде еден од менаџерите на тој оркестар е Пласидо Доминго, но Вие тогаш го одбивте сакајќи да му се посветите на семејството. Која е тајната да се има успешна кариера и да се биде успешна на приватен план?

Љубовта е тајната 🙂

Тогаш, во 2005 година само што се преселивме со Олег од Германија во Македонија и планиравме второ дете, јас се навикнував на животот овде, почнав да работам и во Филхаронија. Затоа заедно решивме дека треба да останеме во Македонија. 

Што би им порачале на вашите помлади колеги?

Моите помлади колеги од Филхармонија ги слушаат моите препораки скоро секој ден на пробите, така што пораката ќе ја упатам до сите други: сакајте го тоа што го работите. Оти без љубов работата станува мака, а ако го работиш тоа што го сакаш, ти всушност не работиш, туку уживаш.

Подготви:

новинар, Невена Поповска

фото: приватна архива

Поврзани вести