Skip to main content
ТРКАЛЕЗНА МАСА НА МТФ „ВОЈДАН ЧЕРНОДРИНСКИ“

Ангелов: Работејќи ја „Парови“ си помагавме еден на друг и најдовме начин да допреме до публиката

МТФ „Војдан Чернодрински“ / Игор Ангелов и Лазар Христов, актери на Драмски театар

Македонскиот театарски фестивал (МТФ) „Војдан Чернодрински“ кој е во тек во Прилеп продолжува со организирање тркалезни маси за претстави од официјалната програма на Фестивалот кои се одржуваат во фоајето на Центарот за култура „Марко Цепенков“.

На интересен и креативен начин, подарувајќи им љубовно писмо на сите присутни на тркалезната маса на критиката за претставата „Парови“ од Драмскиот театар – Скопје, модераторот Милош Б. Андоновски, откри дека „негов пар, односно дека се вљубил“ во скопската претстава заради повеќе причини, меѓу кои и тоа што е производ на македонски автори – автор на текст и режија. Креативното отворање на тркалезната маса, кое беше фасцинантно, ја изненади актерската екипа и авторката на текстот Ана Ристоска Трпеноска.

Фото: МТФ „Војдан Чернодрински“ / Дел од екипата на „Парови“ со модераторот Милош Б. Андоновски

Таа изрази задоволство што претставата ги допрела гледачите, а режисерката Ивана Ангеловска истакна дека им е благодарна на актерите, бидејќи претставата е сплет на сите енергии, светови и се радува што ја пренесле на публиката, уште повеќе што во фокус бил текстот.

Текстот е богата плејада, да избереш, да ја правиш претставата од десет до тројца глумци. Има многу богатство, многу теми – рече режисерката.

Актерот Лазар Христов рече дека е убав освртот на писмото, дека претставата е без сценографија, без костими, реквизити и успеале да ја испровоцираат публиката.

Претставата започнува со пет раскинувања на врски и тоа е лабавиот дел, прекрасен апсурд и коментар на животот – рече Христов.

Актерката Јасмина Василева ја истакна важноста на отвореноста на авторката и режисерката Ана и Ивана и предноста да се работи на текст од жив автор.

Текстот доживеа метаморфоза од почетокот до изведбата на претставата – рече Василева.

Актерот Игор Ангелов направи паралела меѓу формата и буџетот кој се користи да се направи претставата.

Следевме наратив. Најдовме начин да ја заокружиме приказната. Убавина беше тоа што Е овој проект на заедништво, правилно читање. Си помагавме еден на друг и најдовме начин да допреме до публиката – рече Ангелов, кој потсети на почетоците во прилепскиот театар.

Модераторот Андоновски ги заокружи разговорите, кои на почетокот од љубевен омаж се преточија во сите прекрасни нешта на македонското театарско живеење.

Веднаш по екипата на „Парови“, настапија и актерите од претставата „Бура“ на Прилепскиот театар. Тие прв пат ја изведоа претставата не на својата матична сцена, ами во Центарот за култура. Го нагласија стравот од прилагодувањето на сцената, потребата од местење на сценографија за неполни два часа и измените кои ги биле направени заради техничките околности.

На прашањето од модераторот Александар Војнески, зошто „Бура“ и Шекспир и за соработката со режисерот Џон Блондел, експлицитно објаснување даде драматургот Лидија Митоска Ѓорѓиовска, која рече дека го користела преводот на Шекспир од Драги Михајловски.

Сите признанија за текстот му ги давам на режисерот. Генијално е скратен, фрапирана бев, како ги одбира пресвртните моменти. Признавам дека најмногу во овие 10 години научив од Џон Блондел. Оптимално „Бура“ би можела да трае 12 часа – рече Лидија М. Ѓорѓиовска.

Дека „Бура“ е текст кој е актуелен напомена актерката Ангела Наумоска.

Фото: МТФ „Војдан Чернодрински“ / Дел од екипата на „Бура“

Текстот е за двајца браќа, за две институции, две фигури, за желбата за превласт, да се згази другиот. Мене клучен момент ми беше помирувањето, односно простувањето наместо одмаздата. Секое едно време ни носи бура со себе – рече Наумоска.

Актерката Даниела Иваноска рече дека на режисерот специјалност му бил Шекспир, дека имале поинаков процес на читање на текстот.

Имаме зипувана варијанта на „Бура“, односно компресирана, конзервирана варијанта од Шекспир. Среќна бев што ликот на Ариел,со една страничка текст го донесов – рече Иваноска.

Актерот Александар Тодески рече дека режисерот направил мајсторија со еден најлон, со неколку вештачки цвеќиња, односно се случило возвишено магично чувство. Музиката на Томе Темелкоски е двигател на претставата, таа е радост и
дава магичност на сцената.

Велешкиот театар синоќа ја изведе претставата „Рацин“ во режија на Дејан Пројковски, како дел од официјалната програма. Одличен впечаток кај публиката остави и театарската минијатура „Вампири“ во режија на Милош Б. Андоновски, што беше дел од независната продукција.

Покровители на 59. издание на фестивалот се Министерството за култура и туризам и Општина Прилеп.

Поврзани вести