Skip to main content
- ПРИКАЗНА: Кога успеал да добие азил во САД и да побегне од Франција, пред почетокот на Втората светска војна, Андре Бретон се качил на бродот, на кој прва станица му бил еден тропски остров, француска колонија. Тргнал да прошета низ него и во првата мала тесна уличка налетал на сина табла на фирма. На таблата била нацртана една голема бела пеперутка, а врз неа стоел исписот Pigeon, на француски – гулаб, глетка што го фасцинирала и му останала врежана засекогаш.
- ПРИКАЗНА: Уметникот Марсел Дишан во својот дом на масичето за кафе имал еден мал сад во кој секогаш се наоѓале коцки шеќер. Овие коцки шеќер, всушност, биле мермерни коцки, толку добро изработени што сите негови гости тргнувале да земат од нив и во истиот моментот кога ќе ги фателе сфаќале дека се трипати потешки отколку што тежат коцките шеќер.
Овие две приказни беа дел од Освртот кон јубилејот „Сто години надреализам“ кој вчеравечер се одржа во галеријата „Метаноја“. Приказните ги раскажа професорот Влада Урошевиќ, сакајќи да укаже на судирот на информации од разни сетила кои меѓу себе се поништуваат и нè тераат да се прашуваме дали можеби нашите сетила нè лажат преку примери што ги фасцинирале и самите надреалисти. А сомнението во сетилната реалност е една од основните интенции на надреализмот.
Покрај оваа тема, тој се осврна и на поврзаноста на надреализмот со традицијата. Интересно е што сите останати авангардни уметнички движења од првата половина на 20 век, познати како „-изми“, сакале да ја отфрлат и рушат традицијата, додека надреалистите покажувале дека тие се резултат на една поинаква, алтернативна традиција која ја нема во музеите и учебниците – речиси непозната, негирана, оспорувана, поттурнувана на страна и непризната. Тие укажувале дека се резултат на една уметничка низа на творци кои низ вековите ја кажувале истата таа вистина: постои и друга сетилна реалност од онаа што ја доживуваме со сетилата.
Професорката Лидија Капушевска-Дракулевска, пак, говореше на тема: надреализмот и жените. Тоа е тема којашто не е опфатена во книгата „Птици во аквариум“, која минатата година излезе во наше издание, по повод стогодишнината од надреализмот. Таа смета дека тоа само упатува на фактот дека остануваат многу провокативни прашања поврзани со надреализмот, кои и понатаму можат да се истражуваат.
Според неа, надреализмот, кој во елитниот Речник на надреализмот издаден пред неколку децении во Париз бил прогласен за сексистичко движење, посветувал екстремно внимание на женскиот елемент во културата. Жената игра клучна улога во надреалистите, а многу сликарки надреалистки рамноправно ги изложувале своите дела со сликарите.
Заклучокот на двајцата беше дека надреализмот можеби изгубил од својата првична провокативност, но не изгубил од својата привлечност – нешто на што публиката беше сведок и со самото присуство во галеријата, каде што е во тек изложбата на надреалистички колажи на уметникот Марко Трпески.