
Во изминатото деноноќие пет лица биле лишени од слобода за семејно насилство, од вкупно шест пријави во Скопје, Тетово, Кичево и Прилеп.
Од Министерството за внатрешни работи споделија детали за инцидентите.
Вчера во 18:30 часот во Кичево, полициски службеници од ОВР Кичево го лишиле од слобода Т.М.(33) од Кичево, постапувајќи по претходна пријава дека физички ја нападнал неговата 30-годишна сопруга.
Вчера во 17:40 часот, полициски службеници од СВР Тетово го лишиле од слобода С.К.(30) од Скопје, постапувајќи по претходна пријава од неговата 30-годишна девојка дека одреден период ја следел на различни локации каде се движела и на нејзиното работно место и дека претходно истиот ден околу 15:00 часот ѝ се заканувал на телефон.
Исто така вчера во 17:30 часот во ОВР Прилеп, 38-годишна жителка на село од општина Долнени пријавила дека нејзиниот поранешен сопруг физички ја нападнал.
Синоќа во 23:25 часот во Скопје, на подрачјето на Гази Баба, полициски службеници од СВР Скопје ја лишиле од слобода Ф.А.(38) од Скопје, постапувајќи по претходна пријава дека во домот физички ја нападнала нејзината 31-годишна сестра.
Ноќеска во 02:00 часот во Скопје, на подрачјето на Шуто Оризари, полициски службеници од СВР Скопје го лишиле од слобода С.Д.(22) од Скопје, постапувајќи по претходна пријава од неговата поранешна 22-годишна сопруга дека на 18.03.2026 околу 21:00 часот во продажен објект ѝ упатувал закани, а притоа со употреба на физичка сила ѝ го одзел мобилниот телефон.
Вчера во 19:30 часот во Скопје, на подрачјето на Драчево, полициски службеници од СВР Скопје го лишиле од слобода А.М.(59) од Скопје, постапувајќи по претходна пријава од неговата 45-годишна вонбрачна партнерка дека ја присилил да си оди од семејниот дом.
„Се преземаат мерки за расчистување на случаите и по нивно целосно документирање против сторителите ќе бидат поднесени соодветни пријави“, посочија од МВР.

Македонски


