
Вчера не се одржа закажаното рочиште од предметот што пред Основниот суд во Струга се води по предметот со родилката Јилдз Веапоска од Дебар на која при породувањето и беа остранети три органи.
Судијата Јордан Јованов кој го води предметот појасни дека одложувањето е на барање на еден од обвинетите, кој не се појави во судница од оправдани причини поткрепени со доказ.
Тој не го прифати барањето за одложување поднесено од причина што во меѓувреме е покренат кривичен процес против главното лице од тимот што го изготви супервештачњето по односниот предмет со родилката Веапоска.
Бидејќи тој кривичен предмет не е оформен односно не е почнат, одлучив да не го чекам изходот од таа постапка и расправата да продолжи, рече Јованов. Тој посочи дека доколку биде утврдена кривична одговорност на супервештаците, тоа може да има влијание и врз овој предмет, бидејќи супервештаењето е еден од клучните докази во постапката.
До апсолутна застареност на делото има уше една година, па оттаму судијата најави дека поскоро ќе ги закажува следните рочишта за, како што рече, постапката достоинствено да заврши, барем првостепената, а потоа доколку има потреба страните да можат да ги користат сите правни лекови што им се на располагање.
За случајот со родилката покренато е обвинение против тројца лекари од струшката болница, гинекологот Мухамед Асани, неговиот син доктор Блертон Асани и доктор Лилјана Јованоска, обвинети за отстранувањето на три органи на родилката од Дебар.
Судскиот процес со родилката од Дебар Јилдз Веапоска, на која по породувањето со царски рез, во болницата во Струга и беа отстранети матка, јајник и бубрег почна во 2022 година. Три пати почнуваше од почеток поради менување на судиите што во водеа процесот.