Skip to main content

Пожарот околу Преспанското езеро е под контрола, активни се седум пожари, а пет се изгаснати

Армија на Република Македонија

Пожарот околу Преспанско езеро е ставен под целосна контрола, се уште на некои места има догорувања во внатрешноста на опожарениот простор но нема опасност од негово ширење. Противпожарни екипи работат на доизгаснување на остатоците и ќе продолжат со патролирање во текот на ноќта, соопшти директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов.

До 18:00 часот на територија на цела држава регистрирани се вкупно 16 пожари на отворен простор, од кои седум се активни, четири се под контрола, а пет се изгаснати, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Активни пожари има на територија на општините Василево, Радовиш и Берово – село Нивичино, кај Готен планина и Малешевски Планини, каде гори нискостеблеста шума, смрека, грмушки и ниска вегетација, во Општина Македонски Брод, кај селото Грешница, каде е зафатена мешана шума и ниска вегетација и меѓу селата Црешнево, Локвица и Крапа (деградирана дабова шума, грмушки и ниска вегетација).

Активни пожари има и во општина Ресен, кај селата Шурленци и Езерани (трска и ниска вегетација), општина Желино – меѓу селата Церово и Групчин (нискостеблеста и деградирана шума), општина Прилеп – село Штавица, со ширење кон селата Чумово, Волково и Прилепец (ниска вегетација и деградирана шума) и во општина Шуто Оризари, на улица „Брсјачка Буна“ (ниска вегетација).

Под контрола се пожарите кај село Николиќ во општина Дојран, во општина Велес – меѓу селата Џидимирци, Крушје и Иванковци, општина Гостивар – село Симница и во општина Прилеп – меѓу селата Царевиќ и Смолани, место викано Радобилски Рид.

Изгаснати се пожарите во општините Куманово, Старо Нагоричане, Брвеница, Гостивар и во Долнени.