Skip to main content

Побаран краткотраен притвор за четири лица во врска со пожарот во Трубарево

Поради основано сомнение дека со заеднички дејствија учествувале во извршување на кривично дело – Загрозување на животната средина и природата со отпад од член 230 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик, во врска со пожарот во Трубарево, Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против четири лица за кои од судија на претходна постапка вечерва ќе побара определување мерка краткотраен 48-часовен притвор за обезбедување докази, соопшти Републичкото јавно обвинителство.

– Нивните конкретни дејствија се испитуваат, но станува збор за 56-годишен управител и сопственик на 2 правни лица, 22-годишна управителка на трето правно лице, 42-годишник во својство раководител на подружница и еден 59-годишник вработен во правно лице. Се испитува потенцијална одговорност и на други лица, се вели во соопштението.

Во текот на денот, јавниот обвинител издаде повеќе наредби за обезбедување докази по кои се уште постапуваат надлежните органи, а се очекуваат и резултатите од извршените мерења на загадувањето од Министерството за животна средина. 

– Од опожарениот простор во Трубарево има слабо чадење од само неколку места кои веќе се затрупани, информираше претходно вечерва директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) Стојанче Ангелов.

Како што наведува, се фрла специјална пена врз песочната покривка за целосно сопирање на чадењето.

Пожарот избувна вчера околу 14 часот во складиште за рециклирање отпад.

Лекарска помош по пожарот побарале четири лица и сите се надвор од животна опасност.

Поврзани вести