
Министерството за здравство со вознемиреност ја прими веста за вооружениот напад во Куманово при кој беше повреден нашиот колега, доктор Зекирија Шаини. Ја известуваме јавноста дека повредите не се животно-загрозувачки и дека докторот е во стабилна состојба и се опоравува, соопшти МЗ.
Ќе биде обезбедена целосна поддршка за докторот додека трае неговото опоравување и рехабилитација. Министерството категорично осудува било какво насилство против здравствените работници и потврдува дека нивната безбедност е приоритет, потенцираат од министерството.
Ќе работиме на унапредување на мерките за заштита на персоналот во здравството преку соработка со здравствените установи и локалните власти, додаваат во соопштението.
Министерството активно ќе соработува со Министерството за внатрешни работи и локалните власти во Куманово за целосно расчистување на случајот. Повикуваме на воздржаност, почитување на приватноста и солидарност кон повредениот и неговото семејство, нотираат во соопштението.
Министерството ќе ја следи состојбата на доктор Шаини и навремено ќе информира за сите значајни промени.