Skip to main content

Момче дивеело во Велес: Со ножеви нападналo девојче, нејзината мајка и полицајци, па избегалo

Млад Велешанец вчера попладне предизвикал хаос заканувајќи се со ножеви на малолетничка, нејзината мајка и на полицајците кои дошле на повик за помош, по што ѝ побегнал на полицијата. Полицијата била принудена да испука неколку предупредувачки куршуми за да го натера да ги фрли ножевите.

Момчето С.У. (23) , поради засега неутврдени причини, прво на улицата „Хаџи Косте” во Велес, физички нападнало малолетничка со нож, а кога дошла нејзината мајка да ѝ помогне и нејзе и се заканил дека ќе ја прободе.


Настанот во полиција го пријавил таткото на девојчето, а кога полицајци дошле на местото и го затекнале момчето како држи остри предмети во рацете побарале од него да ги фрли, но наместо да ги послуша С.У. тргнал на полицајците за да ги нападне и нив. Полицајците испукале предупредувачки куршум во воздух и повторно побарале да ги фрли ножевите, но тој продолжил да им се приближува. Полицајците повторно испукале уште еден предупредувачки куршум во воздух, по што напаѓачот го фрлил едниот предмет и почнал да бега. Полицијата испукала уште два предупредувачки куршуми во воздух, а С.У. и натаму бегајќи го фрлил и вториот нож.

Полицијата сега трага по насилникот. За настанот е известен и Центарот за социјални работи Велес.

Поврзани вести