
Кавадаречката полиција поднела кривична пријава против жители на Марена поради сомнеж дека краделе кабел за фотоволтаици за струја, како и против две лица од Струмица, поради сомнеж дека ги откупиле кабелот и бакарот. За ова попладнево информираа од Секторот за внатрешни работи Велес.
ОВР Кавадарци, до Основното јавно обвинителство Кавадарци, поднело кривична пријава против шест млади лица, сите од село Марена, кавадаречко.
Пријавата е поради постоење основи за сомнение за сторено кривично дело „тешка кражба“ по член 236, соопштија од СВР Велес.
Кривична пријава била поднесена и против 37 – годишник со привремен престој во Струмица и 43 – годишен од Струмица, поради постоење основи за сомнение за сторено кривично дело „прикривање“ по член 261 од Кривичниот законик.
Оттаму споделија дека настаните за кои се сомничат, се случиле на 22.11.2024 и 23.11.2024 година.
Првите шест пријавени со употреба на подесен алат од парцела кај место викано Маренски рид, во близина на село Марена, одзеле 467 метри електричен кабел наменет за поврзување на фотоволтаици за производство на струја. Останатите две лица пак, го откупиле бакарот и каблите. Со ваквото дејствие пријавените предизвикале материјална штета на правно лице од Скопје од околу 915.000 денари, информираа од СВР Велес.