
Основното јавно обвинителство во Велес поведе истрага против едно лице осомничено за убиство, извршено во близина на селото Бусилци, општина Чашка. Според обвинителството, осомничениот заедно со уште едно засега непознато лице на 5 ноември го намамил велешанецот Ѓело Ѓошев и со автомобил го однел на местото викано Поројница.
Таму, како што се сомнива обвинителството, двајцата му пукале на Ѓошев со огнено оружје и му нанеле прострелна рана во главата, од која тој починал на лице место.
Осомничениот, кој и претходно бил осудуван за разбојништво, по убиството се обидел да ги прикрие трагите од злосторството за да ја отежне истрагата, велат од обвинителството.
Јавниот обвинител до судот доставил предлог за определување притвор, со образложение дека постои опасност од бегство, можност осомничениот да влијае врз сведоците или да го повтори делото.
Полицијата, по наредба на обвинителството, продолжува со интензивна истрага за идентификација на вториот соизвршител и утврдување на мотивите за убиството.

Македонски







