Skip to main content

Гори кај Марвинци и Фурка, МВР ќе испрати хеликоптер

Сува трева и ниски грмушки горат на две нови локации во земјава – кај селото Марвинци во Валандово и кај дојранското село Фурка, информираат од Центарот за управување со кризи (ЦУК). Оттаму велат дека кај селото Марвинци интервенирале двајца пожарникари со едно противпожарно возило од единицата во Валандово.

Во гаснењето на пожарот кај дојранското село Фурка, пак, интервенираат пожарникари од Гевгелија и Дојран и на него се интервенира со две противпожарни возила и шест пожарникари.

Од ЦУК велат дека испратиле барање до Министерството за внатрешни работи (МВР) и Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) за воздушна поддршка при гаснење на пожарот. За интервенирање од воздух, од ЦУК велат дека МВР ќе упати хеликоптер.

Претходно до Центарот за управување со кризи информираа дека до 13 часот на територијата на земјата биле евидентирани вкупно 10 пожари на отворен простор, од кои активни се четири.

Сува трева и мешана шума гори во прилепското село Бешиште, а во Општина Кавадарци, во селото Катуниште гори ниска вегетација и трева. Во Општина Новаци гори шума во селото Градешница, а ниска вегетација гори во ресенското село Грнчари, велат од ЦУК.

Поврзани вести