
Првообвинетиот сопственик на клубот „Пулс“, Дејан Јованов – Деко, денеска за првпат говореше пред судот и пред семејствата на загинатите во трагедијата. Тој изјави дека девет месеци се наоѓа во притвор и повторно ја спомна кобната вечер, но неговите тврдења не беа прифатени од присутните.
Јованов нагласи дека, како сопственик, не би дозволил во клубот да постојат пропусти, тврдејќи дека секогаш се грижел за безбедноста на посетителите.
„Зарем сериозно мислите дека ако знаев дека фали нешто, не би презел сѐ? Имам пораснато десетина генерации, сите знаат како се грижев за безбедноста“, рече Јованов низ солзи.
Тој спомена и дека и неговото семејство имало загуби и повредени.
„И ние во нашата фамилија имаме починато и едно повреден, и затоа ја носиме истата болка што и вие ја носите.“
Ова предизвика незадоволство кај присутните родители, кои му дофрлија:
„Ништо не знаеш!“
Во своето обраќање, Јованов се обиде да го одбрани и третотообвинетиот Михаил Јованов, прашувајќи зошто тој воопшто е опфатен со обвинението.
„Михајло немаше обврски поврзани со клубот, имаше сопствена фирма и не беше вклучен во неговото функционирање“, изјави тој.
Настанот повторно ги отвори прашањата околу одговорноста и пропустите кои доведоа до трагедијата.

Македонски






