
Дебел црн чад се шири кон Скопје откако утрово се разгори нов пожар во главниот град. Според првичните информации, станува збор за запалена депонија кај Визбегово, која од ветрот брзо се разгорува.
Командантот на ТППЕ на Град Скопје Звонко Томески во изјава за МИА вели дека на терен се испратени четири возила кои интервенираат заедно со две возила од „Комунална хигиена“.

Од Центарот за управување со кризи известија дека до 7 часот утрово изгаснати се 22, а активни се седум пожари. Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов во контекст на сомневањата дека дел од пожарите се подметнати изјави дека пожарникарите кои учествувале во гаснењето на пожарот во Чучер Сандево на повеќе места нашле запалени палети и им мирисало на бензин.
Владата вчера донесе одлука за прогласување кризна состојба од 30 дена заради зголемена појава на пожари.
Ова на терен значи дека се овозможува интегриран пристап и координирано дејстување на сите надлежни институциа: Армијата, полицијата, противпожарната заштита, Центарот за управување со кризи (ЦУК) и Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), како и локалните самоуправи. Ќе се мобилизираат сите ресусрси, човечки, технички, логистички, се со цел да се справиме со пожарите и заштита на населението, рече портпаролката Марија Митева, додавајќи дека Владата ќе обезбеди итна и навремена помош за сите засегнати подрачја, со цел спречување на поголеми последици.