
Куќа со двор и 3 стана во Битола, 25 булдожери и камиони, се гаранцијата која ја дал Сопственикот на „Марковски компани“ и почесен конзул на Белорусија, Борче Марковски за да биде пуштен од притвор.
Одлуката ја донел Основниот суд во Битола иако претходно битолското обвинителство се изјаснило негативно по неговото барање. Судот донел одлука за мерки на претпазливост, односно еднаш неделно да се јавува во судот. привремено му е одземен пасошот.
Од обвинителството дале и приговор во однос на надлежноста на Кривичниот совет од битолскиот суд, бидејќи сметале дека Апелација треба да одлучува. Во јануари годинава битолското обвинителство поднесе обвинение против Борче Марковски и уште двајца вработени во фирмата, како и против петмина поранешни раководители во РЕК Битола, меѓу кои и поранешниот директор Пеце Матевски. Марковски беше во притвор по апсењето на 9 октомври. Тој и уште седум лица се сомничат дека незаконски наплатиле над 1, 7 милиони евра од РЕК Битола, иако дел од договорените работи не биле извршени.
Тој е во центарот на аферата со ископ на јаглен за „РЕК Битола“ со години важи за највлијателен во регионот. Неговата компанија, основана во 2002 година, во 2024 година остварила приходи од над 45 милиони евра, сума која ја позиционира меѓу најголемите градежни фирми во Македонија. „Марковски Компани“ со години добивала огромни договори во РЕК Битола, ископ на јаглен, јаловина, одржување и механизација. Најголемиот тендер во 2023 година беше вреден рекордни 46 милиони евра.

Македонски




