
Директорот на Дирекција за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, започна активности за обезбедување нови пилоти за авионите „ер трактор“ пред почетокот на сезоната на пожари.
Ангелов бил на спортскиот аеродром кај Штип, каде се сретнал со Раде Ивановски, сопственик на компанијата Римин Еар. На средбата разговарале за можностите за основна обука на нови пилоти за авионите за гаснење пожари.

Директорот на ДЗС се сретнал и со тројца кандидати кои имаат повеќе од 300 часови во спортско летање, а со еден од нив направил и извидувачки лет над штипскиот регион.

Работиме навреме да обезбедиме дополнителни пилоти и подобра подготвеност пред летната сезона. Целта е авионите да бидат целосно функционални и со доволен број обучени екипажи за брза реакција при пожари на отворено – изјави Ангелов.

Во моментов ДЗС располага со пет пилоти за „ер трактор“. Еден авион е веќе сервисиран и подготвен, додека два се на сервис и се очекува да пристигнат во текот на април, а најдоцна до мај. Со тоа институцијата планира поорганизирано да ја дочека летната сезона, кога ризикот од пожари е најголем.

Македонски


