
Од денеска 01.12.2025 година, почна пробниот период на проектот Безбедна држава при што сторителите на сообраќајни прекршоци ќе добиваат известување за сторениот прекршок.
Согласно одредбите на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, меѓу другото МВР врши контрола над возачите и другите учесници во сообраќајот на патиштата. Контролата ја врши преку непосредно забележување, со употреба на соодветни технички средства и направи, и со последните измени од законот, прекршоците ќе се документираат и со технички средства и со уреди за снимање.
Сторителите на прекршоци кои ќе бидат документирани преку системот Безбеден град ќе бидат санкционирани согласно одредба која ја регулира најголемата дозволена брзина на движење на возилата, односно нема да има толеранција без разлика дали ќе се документира прекршок во населено место или надвор од населено место.
Во почетниот период ќе се евидентираат сообраќајните прекршоци како: управување на возило со брзина поголема од дозволената, минување на црвено светло, изминат рок на важност на сообраќајна дозвола и непрописно паркирани возила, а во следната фаза од проектот планирано е проширување на видот на сообраќајните прекршоци што ќе ги регистрира електронскиот систем – вели Гоце Андреевски, портпарол на МВР.
За прекршоците кои ќе бидат документирани преку системот Безбеден град, на сопственикот на возилото со кое е констатиран сообраќаен прекршок, МВР му доставува СМС порака на мобилен телефон и на електронска адреса (податоци кои сопственикот на возилото ги дал при регистрација на возилото) со линк за преземање на Записник за сторен сообраќаен прекршок со прекршочен платен налог.
Доколку сторителот ја прифаќа одговорноста за сторениот прекршок во рок од осум дена од денот на приемот на записникот за сторен сообраќаен прекршок со прекршочен платен налог ќе плати половина од изречената глоба, ако истекол рокот од осум дена за да плати половина од изречената глоба, ќе може да го плати целиот износ на изречената глоба, најдоцна во рок од осум дена по истекот на рокот за плаќање на половина од изречената глоба, а пред постапката за извршување. Кога ќе заврши со плаќање на изречената глоба во дадените рокови не се плаќаат трошоци на целокупната постапка.
Странец, како и државјанин на Република Македонија кој што со заминување заради престој во странство би можел да го одбегне плаќањето на глобата, е должен веднаш, а најдоцна во рок од осум дена од денот на приемот на записникот за сторен сообраќаен прекршок со прекршочен платен налог да ја плати изречената глоба. Ако сторителот не ја платил глобата МВР ќе ја достави до органот надлежен за присилна наплата.
За прекршок за кој покрај глобата е предвидена и санкцијата забрана за управување со моторно возило и ако сторителот ја платил глобата во предвидените рокови, и за прекршок престанок за важење на возачка дозвола, МВР ќе поднесе барање за поведување прекршочна постапка до надлежен суд.
Глобите ќе може да се платат електронски преку линк кој сторителот на прекршокот ќе го добие со известувањето. Во овие случаи потребно е во уплатница автоматски да биде внесен бројот на записникот за сторен сообраќаен прекршок со прекршочен платен налог и износот на глобата изразена во денари.
Во овие случаи МВР веднаш електронски добива известување дека глобата е платена.

Македонски






