Skip to main content

99 возачи фатени со мобилен додека возат

Вкупно 2.023 казни за сообраќајни прекршоци се издадени за три дена оваа недела, соопшти полицијата.

Меѓу најбројните се прекршоците на непрописно паркирање 508, потоа прекршоците по основ на движење со брзина поголема од дозволената 362, како и 165 мерки за прекршоците по основ на возење без возачка дозвола.

Во изминатите три дена (од 19 до 21 мај) биле изречени и 127 мерки за прекршоци што ги прават пешаците, како и 55 санкции за возачите на мотоцикл по основ на неносење заштитна кацига. Во 18 случаи санкционирани биле возачи под дејство на алкохол, шест мерки се изречени за минување на црвено светло, за неносење сигурносен појас изречени се 121 санкција, а по основ на користење мобилен телефон при возење 99 мерки.

Согласно Законот за возила, од сообраќај се исклучени 50 нерегистрирани возила и 12 технички неисправни возила.

Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови.

– Апелираме до граѓаните да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи за да ја зголемиме безбедноста во сообраќајот и заедно да придонесеме за посигурни патишта – порачуваат од полицијата.

Поврзани вести