
Министерството за енергетика и рударство воведува методологија за енергетска сиромаштија, која ќе утврди јасни критериуми за препознавање на ранливите домаќинства и нивна понатамошна заштита.
Методологијата, велат од Министерството, ќе овозможи лесно ќе се утврдуваат параметрите кои укажуваат на енергетска сиромаштија како: ниските приходи, високите трошоци за енергија во семејниот буџет и ниската енергетска ефикасност на домаќинствата. Тие ќе бидат основа за понатамошни годишни програми за заштита на ранливите енергетски потрошувачи.
– Со оваа методологија за првпат систематски ќе ја измериме енергетската сиромаштија во земјава. Тоа ќе ни овозможи јасно да ги идентификуваме домаќинствата кои се најпогодени и да креираме прецизни, таргетирани мерки за нивна заштита. Нашата цел е никој да не биде оставен на маргините. Ова е силен чекор напред кон една поправедна и посоцијално одржлива енергетска политика – изјави министерката за енергетика Сања Божиновска.
Од Министерството за енергетика велат дека методологијата ќе им овозможи на институциите подобро да ја согледаат големината и структурата на енергетската сиромаштија во земјава. Таа ќе биде основа за креирање таргетирани политики и мерки за заштита на домаќинствата кои најмногу имаат проблеми со обезбедување енергија, додаваат, а воедно ќе помогне и во усогласување со европските стандарди и практики во рамките на пошироката агенда за енергетска транзиција и социјална одржливост.
Како што појаснуваат од Министерството, Секретаријатот на Енергетската заедница позитивно ја оценил нацрт-верзијата на методологијата, потврдувајќи дека таа е усогласена со Директивата (ЕУ) 2019/944, која ги обврзува земјите да воспостават и објават критериуми за утврдување на енергетската сиромаштија. Со тоа, документот е подготвен за практична примена.
Министерството веќе го подготвува и следниот чекор – годишна програма за заштита на ранливите потрошувачи, во која методологијата ќе има централна улога при дефинирање на приоритетите и мерките за поддршка.