![](https://republika.mk/wp-content/uploads/2025/01/market.png)
Владата одлучи да ги ограничи маржите во трговијата на мало за 10 проценти и за исто толку проценти во трговијата на големо. Ограничувањето на маржите ќе трае до 30 април. Ќе бидат опфатени основните прехранбени продукти, детергентите и бебешката храна.
Портпаролката на Владата Марија Митева на попладневната прес-конференција рече дека ваквата одлука е донесена врз основа на извештајот од Државниот пазарен инспекторат кој покажува дека кај трговците на мало утврдено е дека има над 20 проценти маржа на основните прехранбени производи ии над 30 проценти маржа кај средствата за лична хигиена. Кај увозниците дистрибуртери утврдени се повисоки маржи кои одат дури и до 50 проценти.
– Владата го задолжи Министерството за економија да донесе одлука за 10-процентно ограничување на маржата во трговија на мало и за 10 проценти на трговија на големо на основните прехранбени производи на истите 73 групи на производи кои беа во претходните кошници, но истата да се дополни со средства за хигиена како што се детергентите, како и со бебешката храна и други непрехранбени производи кај кои е забележана многу висока маржа, а истите се дел од основните потреби на граѓаните. Очекуваме да бидат вклучени над 100 групи на производи, рече Митева.
Министерството за економија ќе разгледува дали покрај оваа мерка има потреба да се носат и дополнителни кошници. Министерството е задолжено да одржи и итен состанок со сите надлежни институции како што се Државниот пазарен инспекторат, министерствата за финансии и за земјоделство, Комисијата за заштира од конкуренцијата со цел да се разгледаат и други мерки и предлози коишто ќе имаат долгорочно решавање на оваа состојба.
До петок треба да се изврши и контрола кај производителите на млеко и млечни производи и производителите на месо и млечни производи.
Препорака на Владата е маркетите да започнат постапка за транспарентно објавување на цените на нивните производи и нивно редовно ажурирање на дневна основа.
– Целта на оваа препорака е да придонесеме поголема транспарентност од каде граѓаните сами ќе можат да одлучат во кои од маркетите ќе пазарат, да ја видат разликата во цените, а цениме и дека ваквиот пристап кој има карактер на препорака, а не на ограничување ќе придонесе кон некое усогласување на самите цени на производите, рече Митева.
На денешната владина седница донесена е и Програмата за заштита на ранливи потрошувачки на енергија која предводува лицата кои ги исполнуваат условите да се стекнат со намалување на мечесна сметка за потрошена електрична енергија за илјада денари во рок од 12 месеци.