Skip to main content

Средба на директорите на царините на Македонија и Грција, Николовски и Муртидис

Царините на Македонија и Грција ќе работат на унапредување на трговските и безбедносните политики во прекуграничната трговија.

Како што соопшти Царинската управа, директорите на царинските управи на двете земји, Бобан Николовски и Костантинос Муртидис, и експертски тимови од највисокото раководство, денеска на средба договориле  иницијативите на кои страни ќе работат во следниот период, меѓу кои воспоставување зелени коридори и двонасочна електронска размена за секој увоз и извоз на трите гранични премини, воспоставување концепт за едно застанување на Богородица – Евзони, како и размена на разузнавачки податоци и креирање профили на ризик за цели на истрагите. 

-Како соседни земји, клучно е зајакнување на врските и унапредување на соработката помеѓу двете управи, преку споделување на најдобри практики, размена на информации во реално време, но и спроведување заеднички иницијативи за олеснување на трговијата, истакнал директорот Николовски.

Двете страни информирале дека во јануари ќе биде пуштен во употреба новиот компјутеризиран транзитен систем фаза 5 на чија имплементација работат. 

Царинската управа во соопштение наведува дека како особено важно било  истакнато зајакнувањето на институционалните капацитети преку одржување заеднички обуки, споделување најдобри практики и одржување редовни средби на експертско ниво. Во оваа насока, во следниот период договорено е Царината на Грција да ги сподели искуствата во следењето и контролата на тутунски производи преку системот „Track and trays“.

-Од македонска страна беше информирано за националниот едношалтерски систем на чија имплементација Царинската управа интензивно работи, како и за новиот систем за видеонадзор и препознавање на регистарските таблички што од пред еден месец е целосно ставен во функција на сите гранични премини и гранични терминали. Исто така, двете страни информираа за активностите што се преземаат за отворање на новиот граничен премин Маркова Нога, се наведува во соопштението. 
 
Директорот на Царината на Грција, Константинос Муртидис, ги истакнал заедничките цели на управите за олеснување на трговијата. 

-Настанот во Солун беше одржан во просториите на Комората за трговија и индустрија, при што кратко воведно обраќање имаше и од претседателот на Комората, Константинос Мураитидис, којшто ја нагласи улогата на приватниот сектор во поддршка на процесите за олеснување на прекуграничната трговија помеѓу двете држави, соопшти Царинската управа.

Поврзани вести