Skip to main content

„Урсула, не си добредојдена!“ – со јајца и зеленчук ја пречекаа Фон дер Лајен во Бугарија

Посетата на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на Бугарија беше проследена со жесток протест во Варна, каде демонстранти ја гаѓаа со јајца, овошје и зеленчук колоната возила во која се наоѓаа таа и бугарскиот премиер Румен Радев.

Протестот се одржал на 10 ноември пред Военопоморската академија „Никола Јонков Вапцаров“ во Варна, каде што Фон дер Лајен престојувала во рамки на работната посета на Бугарија.

Собирот бил организиран од приврзаници на националистичката партија „Преродба“ (Вазраждане), под мотото „Варна сака мир, а не војна!“.

Демонстрантите носеле бугарски и партиски знамиња, како и транспаренти со пораки против војната и военото вклучување на Бугарија. Извикувале „Урсула, не си добредојдена!“ и барале претседателката на Европската комисија веднаш да ја напушти земјата.

Нивното незадоволство главно било насочено кон политиката на Брисел во однос на војната во Украина. Тие стравуваат дека преку воената поддршка за Киев и безбедносните иницијативи на ЕУ, Бугарија може да биде вовлечена во конфликтот.

Дел од демонстрантите изразиле и противење на воведувањето на еврото, барајќи зачувување на бугарскиот лев.

„Не сакаме Бугарија да биде вовлечена во туѓа војна. Исто така, не го сакаме еврото, го сакаме бугарскиот лев“, изјавил еден од учесниците за Бугарската национална телевизија.

Посетата на Фон дер Лајен на Бугарија била посветена на безбедносната состојба во Црното Море, по зачестените напади врз бродови во регионот. Во Варна таа разговарала со премиерот Румен Радев за заштитата на поморскиот сообраќај и критичната инфраструктура.

По средбата, Фон дер Лајен најавила 50 милиони евра европска поддршка за забрзување на воспоставувањето на заедничкиот бугарско-романски центар за поморска безбедност во Црното Море.

Центарот треба да придонесе за подобра размена на информации, поморски надзор и заштита на слободата на пловидба во регионот.

Поврзани вести