Skip to main content

Рекордна наплата од надоместоците за минерални суровини: Министерството со историски резултат во 2025 година

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини соопшти дека наплатата на надоместоците за експлоатација на минерални суровини во третиот квартал од 2025 година достигнала рекордни 384,16 милиони денари. Станува збор за зголемување за повеќе од два и пол пати во однос на истиот период лани, кога биле наплатени 147,7 милиони денари.

Овие резултати продолжуваат по силниот старт на годината. Во првиот квартал од 2025 година биле наплатени 260,3 милиони денари, речиси двојно повеќе од истиот период во 2024 година (110,6 милиони денари). Во вториот квартал, исто така, се забележува раст – наплатени се 286,35 милиони денари, наспроти 133,6 милиони денари во 2024 година.

Заклучно со деветте месеци од 2025 година, Министерството има остварено наплата од над 931 милион денари, што претставува највисока вредност досега и раст за околу два и пол пати во споредба со претходната година.

Од ресорното министерство велат дека очекуваат наплатата да продолжи да расте, бидејќи до дел од концесионерите кои сè уште ја немаат регулирано обврската се испратени опомени. Доколку не се постапи во законските рокови, следува раскин на договори. Досега, Владата на предлог на Министерството донела 46 одлуки за едностран раскин на концесии, дел од нив поради неплаќање на надоместоци согласно Тарифникот.

Министерството објаснува дека добрите резултати се последица на повеќе мерки:

Засилени инспекциски контроли, со редовни и вонредни проверки на терен.

Писмени опomени и санкции, со можност за раскин на договорот за непочитување на законските обврски.

Нов Тарифник од 1 јануари 2025 година, кој ја зголеми висината на надоместоците до 100%, со исклучок на енергетските минерални суровини како јагленот, за да се заштитат граѓаните од ценовни притисоци.

Зголемената наплата има директен ефект врз финансиите на локалните самоуправи и државата. Средствата, како што велат од Министерството, се насочуваат кон:

поголеми општински буџети,
инвестиции во комунална инфраструктура,
проекти за енергетска транзиција и одржлив развој,
заштита на животната средина.

„Министерството останува посветено на транспарентно, фер и одговорно управување со природните ресурси. Овие резултати го потврдуваат нашиот фокус на подобра контрола, поголема ефикасност и одржлив развој“, стои во соопштението.

Поврзани вести