
Претседателот на Стопанската комора Бранко Азески, беше во работна посета и оствари средба со Фатмир Етеми и дел од тимот на негови соработници. На состанокот со Етеми, кој е акционер, сопственик и/или основач на фирмите Скопски пазар А.Д. Скопје, ЗСФ КОМ ДООЕЛ, Современ дом А.Д. Прилеп и ОНЕ КАБЛЕ Ф Ј ДОО, се разговараше за актуелни теми од бизнисот и дејностите во кои Етеми стопанисува.
Беше отворена дискусија за состојбите во градежниот сектор, деловниот амбиент во кој фирмите стопанисуваат, за условите за делување во трговијата, можностите и потенцијалите за извоз во металната и електроиндустрија, а се разговараше и за недостигот од соодветен кадар и работна сила како еден од клучните предуслови за функционалност на компаниите. Во разговорот со претседателот Азески, Етеми посочи дека потенцијал за развој и водење бизнис во секторите во кои делува преку своите компании постои, но паралелно има и многу препреки кои го отежнуваат работењето и го кочат развојот. Акцент беше ставен на спорото издавање дозволи за градба, заобиколување на почитувањето на законската регулатива, видлив висок процент на сива економија, од што како што посочи, најмногу губи државата преку помал прилив на даноци во буџетот.
Заеднички беше констатирано дека економијата треба да биде приоритет во делувањето во државата и само со економски активности може да се очекува раст на БДП и подобар деловен амбиент, но и подобар стандард за живеење.
Претседателот Азески на работниот состанок посочи дека Комората акцентот го става на три одредници како клучни за економскиот развој на државата: градење на систем на образование за потребите на бизнисот, конкретна поддршка за извозот преку директни инструменти и мерки поддржани од државниот буџет и подобрување на регионалната соработка како иницијална основа за забрзување на ЕУ интегративните процеси. Не помалку важни се и стратешките цели на Комората: борба против корупцијата и сивата економија, брза гасификација, регулирање на односите помеѓу државата и бизнисот на начин што нема да биде на штета на приватниот сектор, а ќе придонесе за општото добро.
Инаку четирите фирми со кои раководи Етеми вработуваат повеќе од 200 лица, со над 22 милиони евра обрт минатата година и ангажирање на други компании од различни сектори, како комитенти и соработници.