
Директорот на Царинската управа и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Бобан Николовски, вели дека институцијата бележи континуирано рекордни резултати во наплатата на приходите, оценувајќи дека тоа е доказ за зголемената ефикасност во работењето и успешната реализација на мерките за подобра контрола и наплата.
Гостувајќи во емисијата „За или против“ на Алфа телевизија, Николовски посочи дека во јуни годинава е остварен раст на наплатата од 22,5 проценти во однос на истиот месец лани, што, како што рече, претставува дополнителни 37,9 милиони евра приходи.
„Во Царинската управа имаме континуитет на рушење на рекорди, тоа за мене е сигнал дека сме на прав пат. Трет пат имаме највисока наплата месечно од постоењето на Царинската управа. Во јуни постигнат раст на наплата од 22,5% во однос на јуни минатата година, или 37,9 милиони евра повеќе во јуни овој месец, во споредба со јуни минатата година. Во буџетот се инкасирани 12,68 милијарди денари, односно 206 милиони евра приходи, при што е надминат досегашниот рекорд кој беше остварен во јули минатата година, кога биле наплатени 12,64 милијарди денари“, рече Николовски.
Тој истакна дека раст е регистриран речиси кај сите категории на приходи, при што најголемо зголемување има кај ДДВ при увоз, данокот на моторни возила, царината и акцизите.
„Бележиме наплата по скоро сите основи, приходи од наплата на ДДВ при увоз се зголемени за 26,2%, од данок на моторни возила за 24,4%, од царината за 19,5% и од акцизи за 15%. Она што е најбитно за нас како Царинска управа и за државата, е што Царинската управа не само што турка рекорди по однос на месечна наплата, турка рекорди во континуитет, а според мене континуитетот и доброто работење е тоа што ни беше потребно, а еве две години веќе изминаа, ние покажуваме дека сме на еден солиден пат“, изјави Николовски.
Според него, континуираното зголемување на приходите претставува показател дека реформите и засилените контроли во Царинската управа даваат резултати, а институцијата успева да обезбеди повисока наплата на јавните приходи во корист на државниот буџет.

Македонски



