
Во јуни е постигнат нов рекорд во наплатата на месечните царински давачки, соопшти денеска директорот на Царинската управа, Бобан Николовски. На прес-конференција во Владата, Николовски информира дека наплатата на давачките во јуни е поголема за над 20 милиони евра од наплатата во јуни 2025 година.
И кумулативно, во првите шест месеци од годинава, наплата на царинските давачки, истакна Николовски, е одлична.
-Во јуни поставиме нов рекорд од постоењето на Царинската управа во однос на наплатата на царинските давачки. Поранешниот рекорд на едномесечна наплата на царински давачки беше 12,4 милијарди денари, а сега, во јуни, заклучно со вчера, изнесува 12,8 милијарди денари со што постигнавме нова рекордна наплата на вкупни царински давачки месечно. И кумулативно одлично напредуваме. Се трудиме максимално да ги затегнеме чешмите од сите страни и тоа се познава во континуитет. Во првите 6 месеци оваа година, споредено со истиот период лани, имаме скоро 50 милиони евра поголема наплата, што значи дека сме на вистински пат. Само во јуни, во споредба со јуни 2025-та, наплатата е за нешто над 20 милиони евра повеќе, истакна директорот на Царинската управа.
Николовски ги соопшти овие резултати, откако претходно министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска даде отчет за сработеното во изминатите две години, не само за Министерството за финансии, туку и за институциите кои се во негов состав.(МИА)

Македонски


