Обновената Комисија за заштита на конкуренцијата од почетокот на годинава може да казнува и со 20 000 евра за пронајдени договори за нефер трговски практики, истакна заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески.
Со почетокот на годинава, почна примената на казните за неправилностите при спроведувањето на Законот за нефер трговски практики кој е во функција, според директива на ЕУ од 28 септември. Процесот до крајот на 2024 година се следеше со мониторинг, сега се на сила паричните казни.
-Мониторингот за примената на законот заврши до Нова Година. До Нова Година се дооформи и Комисијата за конкуренција (КЗК) која го имплементира Законот и во практиката. Комисијата ќе ги проверува сите договори склучени помеѓу производителите, добавувачите и трговците и онаму каде ќе бидат утврдени неправилности казните се 20 000 евра, вели Ристески.
Со законот се опфатени 2 546 производи по тарифен број, а претходно се утврдени 26 нефер трговски практики. Ристески нагласува дека контролата ќе биде строга.
Комисијата ќе може да влезе во фирмите, да ги проверува договорите по дојава. Сето тоа што ќе биде констатирано како неправилност, ќе биде казнето. Казната е висока, 20 000 евра, објаснува Ристески.
Целта на Законот, кој треба да биде пример и за другите земји од Западен Балкан, е да се регулира односот помеѓу добавувачите и трговците. Заменик-министерот посочува дека ефектите на подолг рок е стабилизација на цените на производите.
Рабатот е ограничен на 10 проценти во текот на годината. Сето тоа ќе создаде еден ред во сета таа работа со трговските практики каде рабатите биле големи, и до 35-40 проценти. Очекуваме на подолг рок да имаме стабилизирање на цените на производите, во интерес на крајните купувачи, односно граѓаните. Овој Закон е од голем интерес и важност, бидејќи првпат се спроведува во Македонија и е по директива од Европската Унија и треба да биде пример и за другите држави на Западен Балкан.