
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини и Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) потпишаа Меморандум за соработка. Меморандумот овозможува вклучување на студенти од ФИНКИ во практична настава во Министерството, но и поширока соработка во полето на дигитализацијата и иновациите во енергетиката во јавниот сектор.
Министерството соопшти дека како институција задолжена за енергетскиот сектор воспоставува формална соработка со академската заедница во насока на примена на информатички технологии и воведување современи дигитални решенија. Како што посочуваат оттаму, студентите ќе имаат можност да работат на реални проекти во рамки на Министерството, да се вклучат во анализи, развој на дигитални алатки, како и да придонесуваат во автоматизацијата на дел од административните процеси.
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска изјавила дека соработката со ФИНКИ има потенцијал да стане пример за паметно поврзување на институциите со младите експерти и таленти.
-Ова е соработка од која добиваат сите – студентите добиваат шанса за практична работа и искуство во институции, Министерството добива свежи идеи и технолошка поддршка, а граѓаните добиваат поефикасни услуги. Затоа верувам дека ова е почеток на нешто многу поголемо – долгорочна технолошка трансформација на енергетиката посебно во јавниот сектор, за која младите ќе бидат клучни двигатели, изјавила Божиновска.
Од ФИНКИ ја нагласуваат важноста од поврзување на академските капацитети со реалните потреби на јавните институции. Деканот на факултетот, проф. д-р Боро Јакимовски, изразил уверување дека студентите имаат што да понудат во процесите на дигитална трансформација.
-Нашите студенти не се само обучени да програмираат – тие знаат да размислуваат критички, да решаваат комплексни проблеми и да креираат софтверски решенија за реални предизвици. Веруваме дека ќе дадат значаен придонес во унапредување на работењето на Министерството, нагласил Јакимовски.
На потпишувањето присуствувале и продеканот за настава Ристе Стојанов, како и систем инженерот Владислав Бидиков, кои се дел од тимот што ќе ја поддржува реализацијата на практичната настава и техничката координација со институциите.
Меморандумот предвидува и заеднички активности во форма на истражувања, обуки за вработени во Министерството и креирање иновативни дигитални решенија. Дел од активностите ќе бидат насочени и кон развој на алатки за подобра енергетска ефикасност, транспарентност и анализи, како дел од заложбите на Министерството за отворени институции.