
Претседателот на Владата на Република Македонија Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање за последните податоци за градежништвото рече дека доколку се погледнат сите параметри ќе се дојде до заклучок дека градежништвото има раст за 30 процени во делот на издадени одобренија за градење.
Економијата е еден од главните приоритети на оваа влада. Како дел од економијата и градежништвото, се разбира. И кога ќе ги погледнете последните параметри ќе дојдете до заклучок дека градежништвото расте со стапка поголема од 30% по делот на издадени одобренија за градење, но исто така она која што нас посебно не охрабрува е и вредноста на работите коишто ќе се реализираат во градежништвото, која што исто така е над 30% споредено со истиот период од минатата година. Еден од двигателите на економскиот развој е градежништвото и очекувам да има сериозно позитивен импакт, сериозно позитивно влијание врз растот на бруто домашниот производ на државата – истакна Мицкоски.
Според него, кога се води еден процес мора да се прави компаративна анализа.
Ако не правите компаративна анализа, тогаш лутате во магла и не знаете каде ќе стигнете. Јас се обидов вчера да направам една компаративна анализа на неколку клучни параметри во економијата: еден од нив е јавниот долг, а втор е БДП. Со БДП можете да ја оцените силината на една држава, а состојбата на бруто-јавниот долг е практично колку сте позајмиле и вистински сте ги вложиле тие пари за да генерирате подобри економски резултати. Што е заклучокот? Ако се спореди периодот на претходната влада на СДСМ и ДУИ со периодот на оваа Влада на ВМРО-ДПМНЕ, ВРЕДИ и ЗНАМ, тогаш ќе дојдеме до следните параметри: за трипати пократок период БДП пораснал за 120 милиони евра повеќе. Значи, за 120 милиони евра БДП за овие две години е поголем отколку за претходните шест години од претходната влада. Притоа, јавниот долг е зголемен за нешто помалку од трипати. За нешто помалку зголемен јавен долг, а за трипати пократок период имаме зголемен БДП. Со други зборови — три спрема еден. Отприлика таков е и односот на рејтинзите на политичките партии, но такви се и резултатите во економијата. Дали е тоа доволно? Не. Дали треба уште да се работи? Да. Но, имајќи предвид дека до пред три години бевме убедливо на дното во регионот, сега сме на прво или второ место кога станува збор за овие параметри -нагласи Мицкоски.

Македонски


