
Во Македонија има околу 50.000 броила за струја кои влегуваат во категоријата за енергетска сиромаштија, но тоа не ги спречува голем дел од нив, најмногу во Битола да трошат струја која е најскапа, со што влегуваат во четвртиот блок, брифираат од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
Засега останува неразјаснето како некои најсиромашни семејства можат да трошат од најскапата струја.
Разговаравме со ЕВН во Битола и пробуваме да дознаеме што се случува. Многу трошат и засега само се знае дека се приклучуваат на диво – информираше министерката за енергетика, рударство ни минерални суровини, Сања Божиновска.
За да се реши овој и на него слични проблеми од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини формирале работни групи, за да се утврди точно колку и кои семејства припаѓаат на ранливите групи семејства.
Посебен дел од новиот Закон за енергетика се однесува на заштита на ранливите граѓани, при што, се воведува методологија за мерење на енергетската сиромаштија во соработка со Министерството за социјална политика. Домаќинствата што не можат да си ги платат сметките за струја ќе добијат поддршка – пониски цени преку универзален снабдувач или други снабдувачи. Владата може да одобри компензации за овие семејства, а ранливите потрошувачи ќе имаат и финансиска помош (на пример, субвенции за греење или енергетски ефикасни уреди) и нефинансиска помош (како забрана за исклучување од мрежа). Ова е за да никој не остане без струја во зима поради финансиски проблеми – вели министерката за енергетика, Сања Божиновска.