Skip to main content

Македонската и Хрватската царина со заедничка платформа за соработка со бизнис заедницата

Царинските управи на Македонија и Хрватска креираат заедничка платформа за соработка со бизнис заедницата, со што ќе се овозможи олеснување на легалната трговија и зголемување на трговската размена меѓу државите.

На денешната средба на високо ниво меѓу делегации на царинските управи на Македонија и Хрватска предводени од директорите Бобан Николовски и Марио Демировиќ ипретставници од стопанските комори и асоцијацијата на превозници се дискутирало за предизвиците со коишто се соочува бизнис заедницата, како и за можностите од нивно надминување преку поедноставување на царинските процедури, намалување на административниот товар за транспортерите и времето на чекање на границите, имплементација на современи решенија и понатамошна дигитализација на процесите, како и за можностите за приоритетен третман за доверливи економски оператори.

Со оваа средба, испраќаме и силна порака: дека институциите навистина се сервис на економијата. Дека границите треба да бидат место на контрола на ризикот, а не бариера за легалната трговија. Царинските администрации од регионот и Европската Унија можат да работат како вистински партнери во интерес на економијата, конкурентноста и интеграцијата на нашите пазари. Оваа иницијатива ќе ја преточиме во конкретна оперативна соработка која треба да донесе мерливи резултати за економските оператори, компаниите, транспортерите и граѓаните на двете држави – истакнал директорот на Царинската управа Николовски.

Директорот на хрватската Царина порачал дека целта е да се изгради партнерски однос со стопанството од двете земји, заснован на доверба, транспарентност и постојана комуникација.

Денешната средба претставува одлична основа за понатамошно продлабочување на соработката меѓу Хрватска и Македонија. Ефикасната соработка помеѓу двете Царини ќе биде основа за развој на економиите на двете земји, нагласил Демировиќ.

Присутните претставници од Стопанската комора, Сојузот на стопански комори и Асоцијацијата на превозници Макам- транс од Македонија, како што соопшти Царинската управа, ја поздравиле иницијативата за заедничка платформа истакнувајќи дека ова е прва средба од ваков вид и е пример на успешно партнерство со институциите како клучно во зголемување на конкурентноста на економиите.

Поврзани вести