Skip to main content

Македонија и Косово го забрзуваат инфраструктурното поврзување: Фокус на патот Тетово–Призрен и железничката линија

Македонија и Косово продолжуваат со активности за продлабочување на инфраструктурната и економската соработка, со фокус на реализација на неколку значајни проекти што треба дополнително да ги поврзат двете земји.

На оваа тема денеска разговараа заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски и министерот за инфраструктура и транспорт на Косово, Димал Баша.

На работната средба, на која присуствуваа и заменик-министерката за транспорт Калтрина Зеколи Шаќири и директорот на ЈП за државни патишта Коце Трајановски, биле разгледани можностите за унапредување на билатералната соработка, економската и трговската размена, регионалниот развој и реализацијата на заедничките инфраструктурни проекти.

Во фокусот бил проектот за изградба на патот Тетово–Призрен, кој треба да претставува нова значајна транспортна врска меѓу Македонија и Косово.

Проектот е во тек, а работна група од двете земји веќе работи на неговата подготовка. На средбата било договорено работната група да продолжи со активностите за финализирање на проектната документација, по што треба да следува склучување меѓудржавни договори неопходни за реализација на проектот.

Дополнително, Николоски информирал дека Македонија ја започнува изградбата на автопатската делница Скопје–Блаце, која е една од клучните транспортни врски кон Косово.

Од Владата оценуваат дека подобрата патна инфраструктура ќе овозможи побрз и побезбеден транспорт, но и ќе придонесе за поголема економска поврзаност, олеснување на трговијата и развој на прекуграничната соработка.

На средбата било разговарано и за повторно воспоставување на железничкиот сообраќај меѓу двете земји, како и за воспоставување на т.н. „one stop shop“, односно заедничка гранична железничка станица, согласно договорот меѓу Македонија и Косово.

Соговорниците оцениле дека реализацијата на овие проекти има значење не само за двете земји, туку и за поширокиот регион. Подобрата транспортна поврзаност, како што било посочено, треба да отвори дополнителни можности за инвестиции, трговија, економски раст и регионален развој.

На средбата била потврдена заедничката заложба за продолжување на интензивната соработка и преземање конкретни чекори за реализација на инфраструктурните проекти од заеднички интерес.

Поврзани вести