Skip to main content

Ќе се продава само гориво што ги исполнува стандардите – по 19 години конечно нова уредба

Freepik

По речиси 19 години примена на Правилникот за квалитет на течните горива, стапи во сила новата уредба за квалитет на течните горива, со која се воспоставуваат прецизни стандарди за квалитет на течните горива, поголема сигурност за потрошувачите, фер услови за компаниите и поуреден домашен пазар – соопшти Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС).

Како што наведува МЕРМС, со уредбата детално се уредуваат видовите и карактеристиките на течни горива што може да се пласираат на пазарот, начинот на утврдување на квалитетот, постапката за следење на квалитетот, како и обврските на сите учесници на пазарот на сурова нафта, нафтени деривати и горива за транспорт.

– Особено значајно е што новата регулатива воспоставува еднакви правила за сите учесници на пазарот, со што се намалува просторот за злоупотреби и нелојална конкуренција. На тој начин компаниите што работат во согласност со законските прописи добиваат пофер и попредвидливо деловно окружување- велат од Министерството за енергетика и рударство.

Оттаму додаваат дека примената на повисоки стандарди за квалитет на течните горива ќе придонесе и за намалување на штетните емисии во животната средина, што претставува важен чекор кон почиста животна средина и поодржлив енергетски сектор.

– Нашата цел е граѓаните да имаат поголема сигурност во квалитетот на горивата што ги користат, компаниите што работат законски да бидат заштитени од нелојална конкуренција, а пазарот да функционира по јасни и еднакви правила. Ова е воспоставување ред – така ги штитиме граѓаните, го штитиме чесното стопанство и градиме модерен и доверлив енергетски сектор – изјави министерката за енергетика Сања Божиновска.

Поврзани вести