
Управата за јавни приходи (УЈП) демантира дека дискотеката „Пулс“ во Кочани била „пломбирана“, но потврдува дека за овој објект е изречена казна за сторен прекршок согласно Законот за регистрирање на готовински плаќања.
Не се точни информациите дека во декември 2024 година дискотеката „Пулс“ била „пломбирана“ од УЈП, но она што можеме да го потврдиме е дека за овој објект е изречена казна за сторен прекршок во декември 2024 година, согласно Законот за регистрирање на готовински плаќања. „Пломбирањето“ кое се пласира и за кое се шпекулира во јавноста, е извршено кај друг угостителски објект (со друг назив) кој бил предмет на контрола и за кој изречена привремена забрана за вршење на дејност од 15 дена во периодот јули 2023 година, по претходно извршени контроли од УЈП согласно Законот за регистрирање на готовински плаќања – велат од УЈП.
Во рамките на законските надлежности на УЈП, кај должникот обврзник ММММ Кафе ДООЕЛ во неколку наврати во период од крајот на 2022 година се реализирани постапки за извршување неплатен долг со блокада на сметка и долгот е наплатен, по што сметката по автоматизам се деблокира од банката. Но, од август 2024 година постапките за извршување на долгови, сѐ уште се активни заради наплата од средства на должникот во банките по повеќе основи (даночни долгови и плати).
Би укажале дека блокирање на сметка, како мерка, согласно законот за даночна постапка, е предвидена во постапка на извршување односно наплата на долг во постапка на присилна наплата која ја спроведува УЈП. Во постапка на присилна наплата на долг согласно Законот за даночна постапка не е предвидена мерка затворање на објект. Блокирањето на сметка како мерка, и привремена забрана за вршење дејност како мерка, се изрекуваат за различни основи, согласно различни закони и во различни постапки кои ги спроведува УЈП – додаваат од УЈП.
Од институцијата изразуваат длабоко сочувство до семејствата на загинатите и посакуваат закрепнување на повредените.
Поради сензитивноста на случајот, а во интерес на истрагата за овој трагичен настан, Управата за јавни приходи ќе се воздржи од соопштување на информации, со цел на било каков начин да се спречи влијае на истрагата која е во тек. Управата за јавни приходи соработува со надлежните органи во насока на обезбедување на потребни докази и информации за потребите на истражните и кривичните постапки – додаваат од УЈП.