
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини започна процес за официјална заштита на македонскиот рубин, соопшти министерката Сања Божиновска. На првиот состанок меѓу Министерството, Геолошкиот завод и Заводот за индустриска сопственост беа дефинирани конкретни чекори за институционално признавање и заштита на рубинот како национално богатство.

Беше презентирана и правна анализа за признавање на рубинот, а истовремено започна и координација за следните фази на процесот. Министерството се залага не само за заштита, туку и за меѓународна промоција на македонскиот минерал како дел од националниот идентитет и природната гордост на државата.
Македонскиот рубин, со својата карактеристична малиново-розева боја, се наоѓа единствено во Прилеп и Мариово и претставува реткост во Европа, како и важен дел од културното и историското наследство на Македонија.

„Време е државата да го заштити она што е само наше“, истакна Божиновска, нагласувајќи ја важноста на овој процес за идните генерации.