Утрешниот ден, последниот петок од ноември, сите го бележат како ден кога владее вистинско шопинг лудило.
Во Америка од каде и потекнува инцијативата за блек фрајдеј, попустите се навистина попусти. Тамошните трговци во трка да се ослободат од старата роба и да направат место на новите нарачки, продаваат пошто пото, спуштајќи ги цените до максимум, па таму на овој црн ден паѓаат и тепачки во очаен обид да се купи некое парче техника, облека, обувки.
Кај нас ситуацијата е малку поинаква. Од секаде вриштат натписи, попуст, сале до 70, 80 или дури и 90 отсто, па луѓето како маѓепсани трчаат од продавница, до продавница да се искористи нели попустот. Дали е реален и навистина дали има попуст, е дискутабилно, со оглед на тоа дека трговците, барем во државава, успеваат претходно максимално да ги набилдаат цените, па потоа као пуштаат попуст. Така, наместо вистински попуст, купувачот плаќа цена која е блиска или идентична на редовната.
Честопати, најголемите попусти се однесуваат на ограничени количини или стари залихи кои трговците сакаат да ги расчистат. Тоа значи дека „70% попуст“ може да важи само за неколку примероци или за модели кои повеќе не се популарни.
Воедно трговците користат неколку производи со екстремни попусти како „мамец“ за да ги привлечат купувачите, додека остатокот од понудата има минимални или никакви намалувања, но луѓето се лажат дека божем пазареле со попуст.
Истражувања спроведени од потрошувачки здруженија во Европа и САД покажуваат дека: Само околу 20% од производите навистина се продаваат по најниска цена на „Блек Фрајдеј“.
Дури 40% од производите се продаваат по истата цена или малку пониска од онаа пред неколку недели.
Некои производи, особено електроника и мали апарати, понекогаш се поевтини во други периоди на годината.
Управата за јавни приходи (УЈП) во пресрет на најавениот „блек фрајдеј-викенд“ упати препорака до сите даночни обврзници кои ќе применуваат попусти на цените на своите производи и услуги да ги изразат и наведат при издавање на сметката.
Пресметаниот данок на додадена вредност треба да биде наведен во сметката со новосоздадената цена.
Директорката на УЈП, Елена Петрова укажува на што треба да се внимава за време на утрешниот ден.
Од УЈП потсетуваат дека потрошувачите при купувањето се должни да побараат фискална сметка и да ја чуваат по напуштањето на местото на прометот поради контрола.
Секој граѓанин има право и обврска да ги пријави недисциплинираните даночни обврзници кои не ги исполнуваат своите обврски и не издаваат фискални сметки, потенцираат од УЈП.
Како и да е, не е на одмет да се направи некој круг низ продавниците, па можеби и ќе се најде нешто поевтино.
Автор: Александрија С.Николовска
Снимател: Александар Ивановски
Монтажа: Александар Арсовски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.