
Операторите во енергетскиот сектор имаат рок од еден месец, почнувајќи од 29 мај и завршувајќи на 30 јуни, да поднесат апликација за измена на лиценцата до Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ).
Според новиот Закон за енергетика, оваа обврска важи и за имателите на лиценци за пробно работење.
Претседателот на РКЕ, Марко Бислимовски, денеска објави дека измената на лиценцата е бесплатна и за имателите не се наплаќа никаков надоместок. Во моментов, издадени се 8.800 лиценци за енергетски дејности и околу 150 за пробно работење. Со измената, во лиценците ќе бидат вклучени промените содржани во новиот Закон за енергетика.
“Ако носителите не ги достават барањата, нивните лиценци ќе престанат. Ние и од нашиот мониторинг систем на сите меил адреси што ни ги доставија ќе ги известиме носителите на лиценци и очекувам сите да си ги завршат овие обврски”, потенцираше Бислимовски.
Тој, исто така, информираше дека имателите на лиценци за пробно работење ќе можат да ги продолжат лиценците исклучиво за целите на тестирање на техничките карактеристики на енергетскиот објект и влијанието врз енергетскиот систем на кој објектот е приклучен. Одредбите од новиот Закон не предвидуваат привремена лиценца. “РКЕ врши редовни контроли на сите лиценцирани компании кои имаат добиено лиценца од наша страна.”
Во минатото, РКЕ ги менуваше лиценците по донесување на нов закон за енергетика по службена должност, но сега, имајќи предвид дека има поголем број лиценци, самите доставуваат барања. “Нема никакво затворање на ниту еден пазар, има и лиценци издадени на компании кои вршат соодветна енергетска дејност, а не биле активни на некои од пазарите на струја, природен гас, нафтени деривати.”
“Едноставно, ќе се направи прочистување на издадените лиценци во РКЕ, тие што се сериозни носители ќе си ги поднесат барањата, имајќи предвид дека се издадени доста лиценци во последниот период, ќе се прочистат тие што ја вршат соодветната дејност и се активни на сите пазари, сигурен сум дека тие ќе поднесат барање. Има некои што не се активни и за време на трaењето на лиценцата не известуваат дека таа сака да престане”, објасни претседателот на РКЕ.