Skip to main content

Бесплатен роаминг со ЕУ дури на есен: Македонија ги исполнува обврските, но процесот зависи од Брисел

Македонските граѓани нема да можат да користат телефонски разговори, СМС-пораки и мобилен интернет без дополнителни трошоци за роаминг со земјите од Европската Унија од 1 јануари оваа година, како што претходно беше најавувано. Наместо тоа, воведувањето на моделот „роаминг како дома“ се очекува дури наесен, откако ќе бидат исполнети сите обврски и критериуми што ги бара Брисел од земјите од Западен Балкан.

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, информира дека процесот активно се спроведува и дека Македонија е меѓу првите земји во регионот што ги исполнува националните законски предуслови за приближување кон европскиот модел на роаминг.

„Во таа насока, во октомври беше донесен акциски план, а на 30 декември 2025 година беа усвоени измени и дополнувања на Законот за електронски комуникации. Во тек е финалната подготовка и усогласување на подзаконските акти, со очекување сите национални предуслови да бидат исполнети до крајот на јануари или почетокот на февруари“, изјави Андоновски.

Тој нагласи дека воведувањето на „роаминг како дома“ со Европската Унија не е едностран процес и не зависи исклучиво од една држава, туку од заедничката подготвеност на сите земји опфатени во процесот.

Според информациите добиени во комуникација со европските институции, Македонија, Црна Гора и Албанија се дел од заеднички пакет, при што сè уште не е јасно дали ќе биде возможно поединечно приклучување доколку некоја од земјите не ги исполни обврските. Следната фаза предвидува скрининг и анализа од страна на Европската Унија, кои се очекува да се реализираат во доцната пролет и во текот на летото 2026 година.

Согласно неофицијалните очекувања од европска страна, можно е целиот процес да биде заокружен до есента 2026 година. Од Министерството за дигитална трансформација нагласуваат дека станува збор за индикативни, а не формално утврдени рокови и дека јавноста навремено ќе биде информирана штом Европската Унија ги финализира договорните и процедурните предуслови.

Можноста за укинување на роамингот меѓу земјите од Западен Балкан и Европската Унија ја најави еврокомесарката за проширување, Марта Кос, уште во јули минатата година, нагласувајќи дека тоа ќе зависи од спроведувањето на потребните реформи.

„Ако работиме посветено и ако постои политичка волја, ќе можеме да имаме бесплатен роаминг за земјите од Западен Балкан од 1 јануари 2026 година. Со тоа, граѓаните ќе можат да комуницираат без дополнителни трошоци кога ќе патуваат во земјите од Европската Унија“, изјави Кос.

Инаку, во јули 2021 година беше целосно укинат роамингот за телефонски разговори, СМС-пораки и интернет меѓу земјите од Западен Балкан – Македонија, Србија, Црна Гора, Албанија, Косово и Босна и Херцеговина.