
– Повеќекратно зголемување на казната што сега е предвидена во Законот за нефер трговски практики се планира од наредната година, соопшти денеска заменик-министерот за економија Марјан Ристески.
Во изјава за медиумите по работен состанок во Стопанската комора, Ристески ги охрабри да пријават во Комисијата за заштита на конкуренцијата (КЗК) сите што имаат сознанија за изигрување на законот.
-Имаме сознанија дека одредени маркети го почитуваат Законот за нефер трговски практики, но има и некои кои во одреден дел не го почитуваат. Сакам да ги охрабрам сите добавувачи, производители, сите што имаат договори со трговци на мало и на големо, кои не го почитуваат законот, да го пријават тоа во КЗК, зашто тоа е казниво. Со молчењето и непријавување на изигрувањето на законот си прават контрауслуга на себе и на граѓаните. Од наредната година веќе ќе има промени во одредени делови на законот за да направиме да биде поефикасен. Една од тие промени е повеќекратно зголемување на казната од она што е предвидено со законот, изјави Ристески.
Како што рече, Законот за нефер трговски практики треба да биде стожер во нормализирањето на цените на подолг рок. Посочи дека една од целите на тој закон е да нема фаворизирање на увозни производи во однос на македонските, особено во делот на маркетингот каде што тие се помоќни.
Соопшти и дека кампањата за македонски производи која почна со земјоделските постепено ќе се проширува за да ги опфати сите видови македонски производи со цел да се помогне економјата и животниот стандард.
Покрај земјоделските производи, со нареден чекор, рече Ристески, кампањата ќе ги опфати и кондиторските производи, а понатаму постепено сите други македонски производи.
-Треба да им даваме предност на македонските производи бидејќи на тој начин индиректно ја поддржуваме македонската економија и производни капацитети. Една од главните цели е зголемување на куповниот менталитет на граѓаните, секогаш да препознаваат македонски производи кои по квалитет некои се и многу подобри од некои увозни производи, а со тоа си помагаме и самите во одржување на животниот стандард бидејќи ќе имаме поконкурентна економија, истакна Ристески.
Според претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, за да се намалат цените потребно Владата не само да интервенира преку ограничување на цени и маржи туку и преку стоковни резерви.
– Цените не можеме да ги ограничуваме со сила, тоа треба да го покаже пазарот и ние секогаш сме за тоа решение. Сите други интервенции треба да одат институционално преку стоковните резерви и другите механизми кои ќе доведат до ред на пазарот и со кои како инструмент може да се дејствува и да се санираат одредени скокови на цените кај клучните артикли. Се друго ќе го сметаме за еден популизам и состојба во која нема да не однесе на правите патишта … Ред на пазарот може да се воведе само на принципиелна основа со еднакви правила на игра, рече Азески.

Смета дека таквите институции, како што е Агенцијата за стоковни резерви, „треба да бидат местото преку кои ќе се интервенира, а не со административни мерки да се решаваат проблемите“.
– Не верувам дека таа институција е маргинализирана и нема никаква функција во моментов, додаде Азески.
Во однос на цените на големите маркети кои се членки на Комората и дали таа може да им наложи да ги намалат, првиот човек на СКМ рече дека „мора да сфатиме дека одиме кон запад и кон пазарни услови на стопанисување“.
– На ниеден субјект не можеме да му наредуваме што ќе прави. На крајот на краиштата, тие може да го затворат маркетот и да направат штета на сите. Мора да бидеме јасни дека и тие луѓе бараат предвидливост, функционирање на пазарна економија и правна држава, додаде Азески.
За заменик-министерот за економија Ристески, пак, интервенцијата со стоковните резерви е „една од можностите за одржување на животниот стандард и цените во трговијата на мало и на големо“.
– Но, една од промените која ќе се направи е надополнувањето на постојаните стоковни резерви во иднина да биде исклучиво со македонски производи, а понатаму како ќе се интервенира ќе треба да одлучи Владата и министерствата. Меѓутоа, мислам дека не е само таа мерка за нормализирање на цените, пред се, јас би рекол зголемување на производните капацитети, што на долг рок би направило да имаме понормални цени во маркетите. Затоа кампањата што произлезе од МЗШВ е поздравена масовно, пред се од стопанските комори и бизнис-секторот и, пред се, од граѓаните, додаде заменик-министерот за економија.